Фото: З.А.

Во согласност со новите современи текови и отсуството на снежна покривка, наместо со ирваси и санка, настариот кичевски Дедо Мраз годинава, од Лапонија, во својот град пристигна со популарното „фиќо“, кое преполно со подароци го паркира во центарот на Кичево, на задоволство на најмладите.

Фото: З.А.

– Бидејќи годинава немаше снег, а и традициите се менуваат, одлучив од далечната Лапонија во Кичево да пристигнам со моето популарно „фиќо“ во кое ги носам и подароците за најмладите од градот. Никој не можеше да претпостави дека наместо ирвасите и мојата санка, ќе ме сретнат во ова некогаш популарно возило кое ретко го користам. Така годинава поради немање на снег ќе ги посетам и најмладите во училиштата со моето „фиќо“, каде ги носам и подароците за нив – вели Михајло Петрески, популарниот кичевски Дедо Мраз.

Превозното средство на Дедо Мраз е фотографирано од минувачите кои се шетаат во центарот на градот, а не е мал и бројот на родители кои ги фотографираат своите деца пред најновото превозно средство на кичевскиот Дедо Мраз. З.А.


Новогодишната бајка „Звуците на Новата година“ во Кичево

Вечерва во Центарот за култура во Кичево со почеток во 19 часот ќе се случи премиерата на анимираната новогодишна бајка со „Биби и Бои“ – „Звуците на Новата година“. Истовремено оваа анимирана бајка ќе биде премиерно прикажана и во Синеплекс во главниот град.

– Најмладите жители на Кичево во Центарот за култура вечерва ќе имаат убава можност да присуствуваат на анимираната бајка „Звуците на Новата година“ со „Биби и Боби“. Цената на влезниците е симболична и изнесува само 100 денари, со што се отвора можност што поголем број најмлади жители на градот да присуствуваат на оваа претстава која трае 45 минути. Главните улоги во бајката ги толкуваат Слаѓана Вујошевиќ, Сашко Коцев, Никола Ристаноски, Сашка Димитроска и Дамјан Цветаноски. Оваа анимирана претстава ја режира тандемот Димитар Аризанов и Јосиф Здравкоски – истакна Мазлам Османи, директор на Центарот за култура.

Тој посочи дека оваа бајка е само дел од богатата новогодишна програма што ќе се случи во Центарот за култура до крајот на оваа календарска година. З.А.