Никогаш не е доволно кога се во прашање различните добронамерни совети што на возачите, во одреден момент, ќе им бидат повеќе од корисни. Независно дали советите се однесуваат за тоа како да се вози во зимски услови или, пак, за нешто друго, секогаш е добро да се прочитаат корисни информации околу автомобилот и управувањето со него. Овој пат тоа се однесува на имањето или немањето резервна гума во возилото…

Интересно британско истражување од областа на безбедноста на сообраќајот со патнички моторни возила

Повеќето новопроизведени автомобили немаат веќе резервна гума во сериската опрема. Според истражувањето на британската организација РАЦ, од 313 нови автомобили (20 различни марки) во Велика Британија, само осум од нив (2,6 отсто) имале резервна гума…
Една од важните работи што во денешно време разочарува е фактот што е сѐ помала бројката на новопроизведени возила што со себе имаат резервна гума и покрај фактот што важноста да се поседува резервна гума во возилото е огромна. Резервна гума е потребна не само доколку ви се дупне гумата на возилото туку и доколку воопшто нешто друго се случи со некое од тркалата на автомобилот. Сепак, во последно време податоците покажуваат дека е сѐ помала бројката на возила што имаат резервни гуми.
Исто така, сега во период кога се слават слави, а и во период кога доаѓаат голем број празници, важно е за возачите да знаат колку време му е потребно на алкохолот да го напушти телото за возачот повторно да биде способен да седне зад воланот и да вози.

Сѐ поголем број возила немаат резервни гуми

Ја издвојуваме уште еднаш главната констатација од британското истражување: многу голем дел од новопроизведените автомобили немаат веќе резервна гума во сериската опрема! Истражувањето на британската организација РАЦ констатира дека од 313 нови автомобили (20 различни марки) во Велика Британија, само осум од нив (2,6 отсто) имале резервна гума.
Според податоците на РАЦ, лани примиле речиси 200.000 повици од возачи на кои им се дупнала и им се издишала гумата, а немале резервна. Ова претставува зголемување за 165.000 вакви интервенции во однос на 2018 година.
Зошто производителите на автомобили престанаа да нудат резервни гуми?
Според РАЦ, многу производители веќе не ги нудат стандардно со цел да ја намалат тежината на нивните автомобили до 20 килограми.
Покрај тоа што ги прави возилата поефикасни во однос на потрошувачката на гориво, оваа практика им помага и на производителите на автомобили да ги исполнат построгите закони за емисиите на гасови.
– Дупната гума е еден од најдосадните дефекти за возачите, особено ако е резултат на удар во една од безбројните дупки на нашите патишта. Во минатото возачите чувале резервно тркало во багажникот, но оваа нова анализа покажува дека тоа сега е минато – истакна портпаролот на РАЦ, Род Денис.
За жал, сѐ помала е бројката на нови автомобили што доаѓаат со резервно тркало и тоа е тренд што само ќе расте, бидејќи уште помала е веројатноста дека електричните возила ќе имаат резервни тркала.
– Со оглед на тоа што светот се врти кон електрични возила, сѐ поверојатно е дека и тие нема да имаат резервни гуми поради дополнителната тежина и просторот што го зафаќа гумата.
Меѓу 313 анализирани автомобили, осумте модели што имаа сериска резервна гума беа: „фиат типо“, „форд фокус“, „хјундаи санта фе“, „ленд ровер дефендер“, „сеат атека“, „сузуки акрос“, „волво ХЦ90“ и „тојота ланд крузер“.

ВО МАКЕДОНИЈА Е ЗАДОЛЖИТЕЛНО ДА СЕ НОСИ РЕЗЕРВНА ГУМА!

Според правилникот за задолжителна опрема во возилата, македонските возачи треба да имаат резервна гума во возилото.
Членот три, став еден, вели дека „во моторните и приклучните возила, освен мопед, лесен трицикл, лесен четирицикл, мотоцикл, трактори, тракторски приколки, приколки со една оска, автобуси за градски и приградски сообраќај и возила наменети за комунални услуги (за миење и чистење на улици; одвезување на ѓубре и др.), треба да има резервно тркало со соодветна опрема која по потреба може да се употреби за демонтажа и монтажа“.
Но, во практика, доколку некој нема резервно тркало, а се најде во ситуација да му се дупне гумата или да му се случи некој друг проблем со тркалото, единствен спас е да повика помош на пат, што исто така е доста честа практика во земјава.


Во период на активно прославување на куќните слави, барем во Македонија, речиси сите сакаат да се напијат некоја чашка алкохол. Меѓутоа ризикот е во тоа што некои од тие што пијат, потоа всушност и управуваат со возило, ставајќи се себеси, а и другите учесници во сообраќајот во исклучително висока опасност

Кога се пие алкохол не се управува со патничко моторно возило!

Алкохолот долго се задржува во организмот и затоа се зголемува опасноста во сообраќајот.
Затоа, бидете внимателни со алкохолот, а особено со процената кога можете да возите. Како алкохолот ќе влијае на вас? Зависи од полот, возраста, метаболизмот, тежината на консументот, видот на алкохолот, што сте јаделе пред да пиете, нивото на стрес на кое сте изложени…
Британската организација за безбедност на патиштата „Роуд респект“ ги анализираше консумирањето алкохол и способноста за возење и издаде препораки за тоа колку долго треба да чекате по пиењето, односно колку долго останува алкохолот во телото. Обидете се да се држите до овие упатства, вели ХАК.
Сепак доколку сакате да се напиете, најдобро би било воопшто и да не седнувате зад воланот, а најдобра варијанта е воопшто и да не пиете.

Чаша вино (13,5 проценти алкохол)

Еден пијалак – 3,5 часа
Два пијалака – 7 часа
Три пијалаци – 10,5 часа
Четири пијалаци – 14 часа
Пет пијалаци – 17,5 часа

Чаша алкохол (40 проценти алкохол)

Еден пијалак – 1,5 час
Два пијалака – 3 часа
Три пијалаци – 4,5 часа
Четири пијалаци – 6 часа
Пет пијалаци – 7,5 часа

Пиво, лагер (5 проценти алкохол)

Еден пијалак – 2,5 часа
Два пијалаци – 5 часа
Три пијалаци – 7,5 часа
Четири пијалаци – 10 часа
Пет пијалаци – 12,5 часа


Четири од пет автомобили и комбиња што биле контролирани имале несоодветен притисок во пневматиците (гумите) на возилото. Ова е грешка што може да го направи возилото до десет проценти помалку ефикасно во потрошувачката на гориво и да го чини возачот околу 160 евра годишно, пренесува британскиот портал „Дис ис мани“. Се проценува дека вкупната цена на потрошеното гориво како резултат на неправилно напумпани пневматици е 1,2 милијарда фунти годишно, и тоа само во Обединетото Кралство

ДУРИ 72 ОТСТО ОД ВОЗАЧИТЕ НЕ ГИ ПУМПААТ ГУМИТЕ СПОРЕД ПРЕПОРАКИТЕ ЗА МОДЕЛОТ НА ВОЗИЛОТО ШТО ГО ВОЗАТ

И издишаните пневматици се ризик за возачите

Возењето исправен автомобил е една од најдобрите и најпаметни работи што секој возач може да ја направи. Исправноста на возилото не е важна само заради заштеда на пари, бидејќи нередовниот сервис и проверка можат да предизвикаат многу поголеми дефекти, туку и заради безбедно управување на возилото. Една од најважните работи на кои секој возач треба да внимава се пневматиците, односно, притисокот во нив.

Финансиска штета

Секој автомобил има препорачан притисок во гумите, кој варира во зависност од марката и моделот.
Милиони возачи трошат многу повеќе гориво, а со тоа и пари, само затоа што не ги надувуваат правилно гумите на своето возило, покажуваат податоците од една нова студија.
Механичарите во Велс го проверувале притисокот на сто возила, кои биле сервисирани во период од еден месец, и откриле дека 72 отсто од нив имаат гуми што не биле напумпани според упатствата на производителот. Кај 22 отсто од нив, сите четири гуми биле напумпани со погрешен притисок.
Четири од пет автомобили и комбиња имале неточни нивоа и биле недоволно напумпани. Ова е грешка што може да го направи возилото до десет проценти помалку ефикасно во потрошувачката на гориво и да го чини возачот околу 160 евра годишно, пренесува британскиот портал „Дис ис мани“. Се проценува дека вкупната цена на потрошеното гориво како резултат на неправилно надуени гуми на возачите е 1,2 милијарда фунти годишно, и тоа само во Обединетото Кралство.

Кои се последиците?

Според експертите, неправилно напумпаните гуми може да бидат лоши за безбедноста, но можат да влијаат и на ефикасноста на горивото.
– Доколку се недоволно напумпани, економичноста на горивото се намалува за дури десет отсто поради дополнителен отпор на патот – објаснува Филип Гом, портпарол на добротворната организација за безбедност на патиштата „РАЦ фондејшн“.
Иако гумите постепено ќе губат воздух со текот на времето, продолжените периоди на занемарување да се проверат може да придонесат возачите да возат со значително помал притисок. Секој автомобил има препорачан притисок во гумите, кој варира во зависност од марката и моделот.
Студијата на „Грин флег“, спроведена помеѓу септември и октомври оваа година, откри дека возачите ги возат своите автомобили под притисок далеку надвор од упатствата. Несоодветен притисок во гумите доведува и до неправилно или предвремено абење на гумите, што значи дека ќе треба почесто да се менуваат.
– Нашата студија открива дека загрижувачки многумина од Британците возат со неправилно напумпани гуми. Ова може да биде неверојатно опасно и скапо, па затоа е од клучно значење возачите редовно да го проверуваат притисокот во гумите на нивниот автомобил, особено кога автомобилот е целосно натоварен или ако планираат да одат на долго патување – вели Кејти Ломас, директорка на „Грин флег“.
Се препорачува возење со малку издишани гуми, само во зимски услови на патот, доколку возачот ја нема потребната зимска опрема во возилото.
– Намерно издишување на гумите се препорачува во услови кога возачот со својот автомобил мора да вози на снег, а ја нема потребната зимска опрема. Во тој случај, пневматиците се издишуваат, за бандажот на тркалото да дејствува како синџир за да се избегне пролизгување на возилото, а со тоа и посериозни последици по возачот – се вели во истражувањето. Д.Т.З.