На првенството што се играше во Загреб настапија пет македонски шахисти. Следното вакво ЕП ќе се одржи в година во Скопје

ШАХ – ЕП ВО ЗАБРЗАН И ВО БРЗ ШАХ

Велемајсторот (ВМ) од Србија Алексеј Сарана (рејтинг 2.649 поени, рангиран седми пред турнирот) е новиот европски првак во забрзан шах (15 минути, плус 10 секунди по секој одигран потег) на Европското првенство (ЕП) што се одржа во Загреб. Во конкуренција на 439 шахисти од 40 држави, Сарана освои 9,5 поени (осум победи и три ремија). Втор е Ерменецот Хаик Мартиросјан (2.634, осми) со девет бода, колку што имаше и третопласираниот, Романецот Богдан-Даниел Деак (2.623, 10-ти), но со послаб дополнителен критериум. Меѓу шахистките најдобар пласман оствари ИМ од Словенија, Лаура Унук (2.186, 154-та), која со 7,5 поени е на 47-то место. Лани ЕП се одржа во Полска, победи Шпанецот Хаиме Сантос Латаса, а кај шахистките Александра Малчевскаја од Полска.
На ЕП настапија и пет македонски шахисти. Гоце Шапкароски (2.043, 218-ти) го освои 180-то место со шест поени, Константин Лушески (1.994, 242) е 239-ти со 5,5, Ванчо Видиќевски (1.687, 344-ти) е 294-ти со пет поени, Јане Шапкароски (1.647, 354-ти) е 329-ти со 4,5 поени и Емил Жежов (1.712, 338.) го освои 361-то место со четири поена.
На ЕП, пак, во брз шах (три плус две секунди по секој одигран потег), златниот медал го освои искусниот Чех, Давид Навара (2.661, рангиран четврти) со 11,5 поени (11 победи, по едно реми и пораз). Среброто му припадна на истакнатиот ВМ од Украина Васили Смислов (2.678, втор) со 11 поени, а бронзата на Црногорецот Денис Кадриќ (2.591, 13-ти) со 10,5 поени. Во конкуренција на 559 шахисти, македонските претставници го постигнаа следниов пласман: Гоце Шапкаровски (2,137, 203-ти пред почетокот) е 309-ти, Лушески (1.969, 314-ти) е 324-ти, Видиќевски (1.859, 375-ти) е 351., сите тројца со по шест поени, Жежов (1.669, 451.) е 449-ти со пет поени, а Јане Шапкароски (557.) е 484-ти со 4,5 поени. Меѓу шахистките најуспешна беше осумгодишната Бодхана Сиванандан (1.944, 328.) од Англија, која освои 8,5 поени и е на 73-то место.
Навара ја одбрани титулата оти и лани беше прв, а кај шахистките триумфира ВМ Александра Костењук од Швајцарија. В година домаќин на ЕП во забрзан и во брз шах ќе биде Скопје, кој ваква голема шаховска манифестација организира и во 2018 година. Г.И.