Рецензија во „Варајати“ за „Домаќинство за почетници“
Њујоршко „Варајети“, едно од највлијателните филмски списанија во светот, објави опсежна рецензија за македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на македонско-австралискиот режисер Горан Столевски. Филмот имаше светска премиера во Венеција, каде што ја доби наградата „Квир лав“.
– По ригорозниот „Нема да бидеш сама“ и романтизмот на „Доволно возрасни“, надарениот македонско-австралиски филмаџија покажува уште една нова страна во оваа нова возбудливо бурна семејна драма. Неортодоксните семејни структури даваат соодветно непредвидлива драма во „Домаќинство за почетници“, витална фебрилна студија со повеќе ликови што дополнително го потврдува талентот на сценаристот режисер Горан Столевски. Радикално отстапувајќи од сталоженоста на неговото деби за фолк-хорор „Нема да бидеш сама“ и нежната интимност во следниот филм „Доволно возрасни“, овој филм дава приказ на семејни, романтични и генерациски конфликти во преполно квир-домаќинство. По сетот во Мелбурн со филмот „Доволно возрасни“, во „Домаќинство за почетници“, Столевски се навраќа на македонското потекло.
Австралискиот Столевски се враќа во татковината – не во историската земја на „Нема да бидеш сама“, туку во динамичната Македонија, во социјалниот пејзаж во современо Скопје, каде што социјалната работничка Дита (Анамарија Маринка) ја дели својата куќа во предградието со неколку бегалци и скитници. Некои жители се привремени: рингишпил од млади луѓе исфрлени од нивните домови што нашле засолниште кај на Дита. Тие формираат модерна семејна заедница: девојката Ромка на Дита, Суада (Алина Сербан); тинејџерката Ванеса (Мија Мустафа) и малечката Миа (Џада Селим), двете ќерки на Суада од претходните врски; и долгогодишниот геј-другар на Дита, Тони (Владимир Тинтор). Столевски ја втурнува публиката директно во оваа превртена поставеност со малку вовед или објаснување и со право ни верува дека ќе ги собереме информациите за ликовите од нивниот разговор и физиката во нивната интеракција – стои во рецензијата.
Суада е смртно болна, нејзината состојба брзо се влошува. Дита ѝ дава ветување дека ќе се грижи за нејзините ќерки откако таа ќе умре, додека неволниот Тони е ангажиран да се регистрира како правен татко на девојчињата. Грижата за симпатичната Миа е едно прашање, но посвојувањето на Ванеса и нејзината стандардна бунтовност е дополнета со тагата кон мајка ѝ.
– Напишана на таков линеарен начин, премисата на филмот прикажува или мелодрама или полна фарса, но „Домаќинство за почетници“ не е ниту едното ниту другото. Живото бурно сценарио на Столевски има тежок заплет, но филмот не е поттикнат толку од големите наративни пресврти колку што е поттикнат од „буре барут реактивноста“ на неговите ликови. Секој белег и расправија и повремен флеш на разбирање меѓу нив го активираат филмот одново, така што ниедна меѓучовечка динамика овде никогаш не се чувствува удобно решена.
Секој под покривот на Дита е аутсајдер, во социјална, културна или економска смисла, кој морал да се бори за своето место во светот; во дом целосно оставен на маргините на општеството – пишува њујоршкиот магазин.
„Варајати“, исто така, посочува дека актерската екипа е внимателно избрана и истовремено одлична и дека ниту една улога не е залудно потрошена или без задача.