МИКРОДВОГЛЕД: Две мини колумни на Венко Андоновски

За вештачката интелигенција

Човек што верува во вештачка интелигенција, очигледно верува дека во човекот нема божествено, креативно (демијуршко) зрно, штом машина може да ја преземе неговата мислечка и творечка улога. Тој, во тој случај, ќе верува и дека обична мачка, со ненамерно поминување по тастатурата, случајно ќе може да го отчука првиот стих од „Илијадата“ или дека врапците што слетуваат на петжичен далновод можат сами од себе, без човекова интервенција или Божја промисла, да се распоредат така што на „петолинието“ ќе биде испишан првиот такт од „Одата на радоста“.
Големата индустриска револуција, која почна со парната машина, ги замени човековите мускули со машина; класичните компјутери и дигитрони го заменија човековиот мозок со машина, а сегашната ИТ-револуција се труди да ја замени и човековата душа со машина. И зошто тогаш воопшто да постои човек? Каква ќе биде смислата на човекот во идните децении и по што тој ќе се разликува од животните и машините? И зар е човекот само интелигенција? Може ли компјутер, кој пишува беспрекорно песни „како Есенин“, да напише песна со својата крв како прочуената песна „До видување, другар мој“ или да се вљуби во балерина како Исидора Данкан?


Знаење и вештина

Секој ден, странски просветители и европски емисари, заедно со нивните домашни политмедиумски папагали, сè повеќе го форсираат зборот „вештини“ (skills) за сметка на поимот „знаење“ (knowledge). Знаењето ја гледа целината, вештината само делот и е слепо извршување само на ДЕЛ од задачата. Затоа, „вештината“ воопшто не е просветна, туку политичка измислица, синегдоха за создавање („генерирање“) шрафчиња за тоталитарни строеви и опасно ги истиснува вистинското знаење и вистинската интелигенција. Знаењето е наука, вештините – политика.
Запад сè повеќе инсистира на производство на луѓе со вештини. Не им требаат оние што знаат, оти прво знаење меѓу сите знаења е да научиш да мислиш со своја глава, во која постои, најчесто неактивирана, истата логичка матрица како и кај Аристотел или Кант, иако си сосема обичен човек.
А од тоа – од мислењето, имаат уплав, зашто секое вистинско мислење ја мисли целината. Вистинска интелигенција е онаа што поврзува (едно од значењата на intelligo е – да поврзеш во целина).
Власта има уплав да не би некој да ја види целината, а цел – никој да не ја види целината. Затоа што целината за властодршците е длабоко нехумана и апокалиптична, на ниво на целото човештво, иако во делови изгледа хумана.