Кој го изгази европското знаменце во Македонија? Во зората на нашата демократизација и независност, македонската европска приказна беше отсонувана како конечен крај на македонскиот национален и државен проект. „Грдото пајче“ на Балканот својата национална и државна приказна започна да си ја крои низ југословенската федерација, како рамноправна република и државотворен народ. Кон крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите, Југославија јасно зачекори кон демократизација и кон европска интеграција. Не случајно словенечката и македонската влада тогаш изработија „бели книги“ каде што ги изложија своите дотогашни потези за внатрешна демократизација, како и за интеграција на овие две републики, но и на целата југословенска федерација во Европската економска заедница.
Македонските и југословенските власти мошне добро го препознаа моментот на усвојувањето на Единствениот европски акт од 1986 година, со кој беше предвидено создавањето на единствениот европски пазар во 1992 година. Како што доликува на една софистицирана земја и тогашната Македонија започнува со кампања за претставување на европската интеграција пред сопствената јавност. Дневниот весник „Нова Македонија“ веќе од 1987 година започнува со издавање подлисток, прво еднаш месечно, а потоа и почесто, под називот „Европа ‘92“. Низ страниците токму на овој дневен весник се обработуваат клучните и критичните теми поврзани со воспоставувањето на единствениот пазар, неговото значење за земјата, како и потребата од заокружување на европската интеграција со Македонија и со Југославија.
Покрај „белата книга“, последното социјалистичко собрание на Македонија донесува и одлука со која го поддржува влезот на Југославија во ЕЕЗ, па мошне амбициозно ги задолжува македонската и југословенската влада (тогаш извршен совет) да пристапат кон целосно усогласување на законодавството со европското acquis до 1993 година. Се чини дека тогашните комунисти биле многу поамбициозни од актуелните „демократски“ политичари. Тие се обврзале да ги подготват републиката и федерацијата во рок од четири години (1989 – 1993) да го спроведе целиот процес. Денес, пак, дојдовме до ситуација што 2030 година ја нарекуваме „добар датум“, па дури и „идеална временска рамка“.
Зошто нурнувам олку во историјата кога ја отворив колумната со „европското знаменце“? Од една едноставна причина да исцртам дека македонската европска интеграција не дојде ни од вчера, ни од завчера, ни од 2009, 2005 или од 1992 година, туку далеку од порано. Модро синото европско знаме, со дванаесет златни ѕвезди, веќе цели триесетина години ги симболизира македонските надежи конечно да се дооди патот на вклучување на македонскиот народ и на македонската држава во редот на европските народи и европските држави. Тоа ја објаснува и жилавоста на поддршката на македонските граѓани кон европската интеграција, која останува вчудовидувачки висока дури и наспроти сите премрежиња, навреди и понижувања низ кои Македонија помина на својот трнлив пат кон Европската Унија. Сонот одамна стана кошмар, а македонската европска голгота никако да заврши.
Нејсе, покрај надворешните чинители, кои не се прославија во македонската европска приказна, од 2017 година и од изборот на владата на Зоран Заев, европското знаменце најмногу го погани и домашната политика.
Благодарение на „европското знаменце“ кај нас се погазени уставниот поредок, парламентарната процедура и демократските принципи. Во македонскиот европски залет, по стекнувањето кандидатски статус, кога дури се занесувавме дека ќе ја стигнеме Хрватска за да влеземе во ЕУ заедно со нив, се усвои институтот на „европско знаменце“ за забрзување на постапката за носење на законите. Замислата беше дека при проследувањето на законите каде што европското acquis се усогласува со македонското законодавство, Владата ќе го достави до Собранието предлог-законот со „европско знаменце“ и со пополнети „кореспондентни табели“. Овие „кореспондентни табели“ посочуваа точно со кој европски пропис се усогласува предложениот законски текст. Нормално, целата оваа забрзана постапка, „со европско знаменце“, беше замислена со најдобри намери. Размислувањето беше дека ние толкав залет ќе фатиме на патот кон Брисел што нормалната процедура за носење закони во Собранието ќе нè забави на патот кон ЕУ.
Преседанот што го изопачи „европското знаменце“ во антидемократско и анти-ЕУ чудовиште се случи при усвојувањето на Законот за јазици. Тогашната влада стави „европско знаменце“ за законот, тој помина низ Комисијата за европски прашања и молскавично беше усвоен од Собранието. Ветувањето дека анализата на веќе донесениот закон од Венецијанската комисија на Советот на Европа ќе доведе до преобмислување на ова решение остана само овенат „смоквин лист“, кој не успеваше да ја скрие грдата голотија на аздисаната и здивеана власт.
По овој неславен преседан, „европското знаменце“ се злоупотребуваше толку често што се изопачи самата природа на македонскиот уставен поредок и парламентарна процедура. Денеска имаме Собрание што граѓаните го избираат на избори, како врвна демократска институција и носител на суверенитетот, и еден парапарламент олицетворен во Комисијата за европски прашања, кој е инструмент на владејачките партии за носење коруптивни, лукративни и неевропски закони.
Овој парапарламент ја поткопува македонската демократија, па стануваме уникатен европски пример каде што законите за игри на среќа или за одгледување марихуана се носат како европско законодавство, а за целата оваа тематика нема ни буква никаде во европското acquis.
Европската Унија долго време избираше да го одмолчи ова газење на европското знаме во македонскиот парламент, но во последно време започна срамежливо да се појавуваат критики, а би било убаво и ова чудовишно изопачување на европската интеграција, демократизацијата и парламентарната процедура да добие и посебен осврт во претстојниот извештај за напредокот, изработуван од Европската комисија.
На списокот задачи за следното македонско собрание и за следната македонска влада треба високо место да заземе и одбраната на интегритетот на процесот на европската интеграција на Македонија. Време е да се фрлат во историската канта за отпадоци „европските“ и „балканските“ методи на Јоханес Хан, лажните ветувања, изневерените очекувања и така натаму. Македонија од крајот на 1980-тите се усогласува со единствениот европски пазар и се труди да ја заокружи својата европска интеграција. Во моментов укинувањето на чудовишното изопачување, наречено „носење закон со европско знаменце“, ќе придонесе да се врати процесот на европската интеграција во вистинските шини, оние што до Брисел одат преку парламентарната демократија, внатрешните реформи и пристојната политика. Сите странични патчиња како брзо решение ги испробавме од 2017 година и тие нè одведоа прво во ендек, потоа во дупка, а на крајот и во провалија за да стигнеме со состојба каде што граѓаните се прашуваат што остана од македонската државност. Затоа, укинете го „европското знаменце“ за да ја спасите македонската европска интеграција!
Ивица Боцевски