Македонскиот претставник Македонија Алкалоид (2.436 рејтинг-поени, рангирана четврта пред почетокот на првенството) синоќа забележа значајна победа со 2,5-1,5 на дуелот со Канада (2.122, рангирана 12-та) во осмото претпоследно коло на Светското првенство (СП) во шах за ветерани во Струга, во категоријата над 50 години. Денеска пак, се игра решавачкото коло во трката за медали (Македонија Алкалоид игра со третата екипа на Англија (2.115, рангирана 13-та), за што и бројот на освоени поени по табли игра значајна улога. На мечот со Канада ВМ Трајко Недев (2.122) на втората табла со црни фигури го победи ВМ Мајкл Барон (2.108), а ВМ Кирил Георгиев, ВМ Звонко Станојоски и ВМ Роландо Кутиров ремизираа.
– Ја добивме екипата на Канада со 2,5-1,5 одејќи со сигурна игра, три ремија и една победа. Очекувавме повеќе, но на победата не ѝ се гледа в заби. Денеска играме со третата селекција на Англија и со нова победа ќе го одржиме местото на кое сме сега на табелата. Имаме добра тимска атмосфера и во одлично расположение го чекаме последниот меч – изјави пред почетокот на последното коло капитенот на Алкалоид, ВМ Драган Јаќимовиќ.
Екипата на Македонија, слепи и слабовидни шахисти (1.818, рангирана 20-та), ја забележа првата победа во осмото коло, и тоа со максимални 4-0 против Шведска (1.965, рангирана 16-та). Жарко Селковски, Зоран Костадиновски, Санде Атанасов и Блаже Атанасовски победнички ја напуштија шаховската арена. Во оваа категорија женската екипа на Македонија (1.373, рангирани 22.) загуби со 0,5-3.5 од женската екипа на Англија (2.060, рангирана 14-та). Единствено на првата табла со црни фигури примирје потпиша Маре Крстевска (1.598) во партијата со ЖВМ Шејла Џексон (2.034), што претставува успех.
На ова СП, но во категоријата над 65 години, екипата на Македонија (2002, рангирана 18-та) во осмото коло е поразена со 1-3 од Англија Стеирмарк (2.053, рангирана 13-та). Ремизираа ФМ Љубомир Илиќ и Миле Трајковски, а загубија ФМ Александар Кралевски и Илија Стошевски.
Табела, категорија над 50 години: САД 13 бода (22 поени по табли), Италија 13 (21,5), Исланд 12 (21,5), Англија 1 12 (20,5), Алкалоид 10 (18,5)… 19-та е Македонија, слепи и слабовидни шахисти со шест (10,5), 22. Македонија жени, еден бод (5,5 по табли).
Табела, категорија над 65 години: Германија Ласкер Шахштифунг 16 бода (23,5 по табли), Австрија 1 14 (22), Англија 1 12 (19), Германија (18,5), Франција (18) и Швајцарија (16) по 10… 15-та е Македонија, седум (15,5) итн. Г.И.