Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска достави иницијатива до Советот на Град Скопје за повторно поставување на спомен обележјето на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето.
-Спомен обележјето ќе добие нова локација која ќе се наоѓа на крстосницата помеѓу булеварот „Александар Македонски“ и булеварот „Беласица“ североисточно од кружниот тек – велат од Град Скопје.
Како што наведуваат од Град Скопје, се работи за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство.
-Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да рѓосува по магацини, затоа апелираме час поскоро оваа точка да биде ставена на дневен ред во Советот на Град Скопје и веднаш да биде изгласана. Ова е уште еден начин да ја исправиме неправдата и да се оддолжиме на луѓето кои го дале својот живот за независна и суверена Република Македонија, да ги паметиме и чествуваме хероите од кои ниту еден не смее да биде заборавен – се додава во соопштението на Град Скопје.