Годинешното, 44. издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 23 до 29 септември во Битола, а ќе биде отворено со македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски. Проекцијата ќе се случи по светската премиера на Филмскиот фестивал во Венеција. Директор на фотографија e Наум Доксевски, добитник на наградата „мала камера 300“ на „Манаки“ во 2018 г. за краткиот филм „Види ја ти неа“ во режија на Столевски.
Директорот на фестивалот Симеон-Мони Дамевски го соопшти добитникот на „златна камера 300“ за животен опус, а претседателот на Друштвото на филмски работници, Игор Иванов-Изи, го претстави лауреатот на наградата „голема ѕвезда на македонскиот филм“.

– Познатата македонска актерка и продуцентка Лабина Митевска е добитничка на наградата „голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Оваа година се одлучивме за ѕвезда што долги години блеска на големото платно со голем број главни и споредни филмски улоги и е еден од најуспешните продуценти во историјата на македонскиот независен филм. Станува збор за исклучителна актерка, со која и лично сум имал можност да соработувам. Таа е едно од најсензибилните и најфотогенични лица во современата македонска кинематографија и сосема заслужено ќе го носи и епитетот голема ѕвезда на македонскиот филм – вели Иванов.

Оскаровецот Питер Бижу, кинематограферот на „Мисисипи гори“, „Трумановото шоу“, „Во името на таткото“, „Штета“, „Пинк флојд: Sидот“, „Животот на Брајан“, „Временски бандит“, „Девет и пол недели“, „Ричард Трети“ и редица други антологиски филмски остварувања е годинашен добитник на наградата „златна камера 300“ за животен опус. Бижу има работено со голем број звучни режисерски имиња од светот на филмот, како Алан Паркер, со кого се закитија со „оскар“ во 1988 година за драмата „Мисисипи гори“, со актерскиот тандем Џин Хекман и Вилем Дефо, а со Џим Шеридан, Питер Вир и Луј Мал ги снимија антологиските филмови „Во името на таткото“ со Дениел деј Луис, „Трумановото шоу“ со Џим Кери и „Штета“ со Џереми Ајронс и Жилиет Бинош. Тандемската соработка меѓу Бижу и Паркер започна во 1976 година, со филмот „Багзи Мелоун“, кога беше лансиран талентот на подоцнежната актерска sвезда Џоди Фостер, а заедно работеа и на антологиското дело од 1982 година „Пинк флојд: Sидот“. Во плодната кариера на Бижу е специфична соработката и со прославената актерско-сценаристичко-режисерка група „Монти Пајтон“, со чиј култен режисер Тери Гилијам во 1979 година Бижу го сними „Животот на Брајан“, бурлескна комедија – пародија за животот на Исус од Назарет, а во 1981-та „Временски бандити“.

В.Д.