Во 2024 година двете најголеми демократии на Западот ќе излезат на гласање. ЕУ ќе гласа за освежување на својот парламент од 705 места напролет, пред Америка да избере нов претседател и Конгрес во ноември. Едно од овие гласачки ливчиња ќе биде од огромна важност за Европа, потенцијално преобликувајќи го целиот нејзин политички пејзаж. Сеништето на трампизмот сѐ уште ја прогонува Европа. Година пред изборите е рестартирано. Нативистичката наклонетост на еден претседател со малку почит кон дипломатските обичаи предизвика многу тегоби за ЕУ првиот пат. Тоа беше пред да избие војна на континентот. Сега изгледите за повторно заживување – или со самиот Доналд Трамп, или варијанта како Рон де Сантис, гувернерот на Флорида, кој е негов најсериозен предизвикувач за републиканската номинација – им ги кинат нервите на Европејците. Особено кога знаат дека неволјата доаѓа неизбежно за Европа, а никој не знае како да одговори и што да прави во врска со тоа. По вторпат Европа е затечена и чека да види што ќе се случи.
Европа има и друг проблем. За првпат се соочува со ситуација со која никогаш не мислеше дека ќе мора повторно да се соочи: има војна на нејзините граници, а европскиот проект е мировен проект, што како резултат на повторното враќање на политиката на моќ ја принудува Европа да ги приспособи своите правила за да може да остане релевантна во глобалната конкуренција. Во вакви услови, европските избори идната пролет (6-9 јуни) претставуваат политичка можност да се потврдат и зајакнат местото и тежината на Европа на меѓународната сцена и се почетна точка за речиси целосна обнова на европските институции.
Поврзано со ова прашање е прашањето за реконфигурацијата на европскиот политички простор, што ги придружува промените во националните партиски системи и меѓународната геополитичка ситуација. Дали ќе видиме нова голема структурирана соработка на континентално ниво меѓу националистите и нелибералите? Како што рамнотежата на силите се префрла надесно, дали Европа се движи кон трипартиција на европскиот политички простор како што се материјализираше во современа Франција, кон центристички компромис од „германски стил“ или кон нормализација на односите меѓу центристите и националистите по преседан направен од Италија на Мелони?
Интересно ќе биде да се види и како кризите во последните години во ЕУ ќе се одразат на растечкиот тренд што е во тек веќе неколку години: незадоволството од традиционалните политички партии, со последователно зголемување на апстиненцијата. Очигледно дека политичкиот живот во ЕУ повеќе не привлекува ниту активисти ниту кандидати. Како последица на тоа, гласачите сè помалку се наклонети да одат и да гласаат; некои затоа што политичката понуда ја сметаат за разочарувачка или затоа што не одговара или повеќе не одговара на нивните очекувања, други затоа што би сакале да видат воведување одредени техники (електронско или поштенско гласање за да не мора да излезат на гласање) или одредени форми на изразување (бланко-глас). Општо земено, гласачите повеќе не се приврзани за партија и, поради исчезнувањето на идеологиите за поделби, нивните гласови варираат во зависност од нивното расположение и околности.
Една година пред европските избори, европските централнодесничарски и десничарски партии можат да се чувствуваат и сигурно за својот успех и загрижено за својата иднина. Од една страна, конзервативните и националистичките сили уживаат непобитен моментум. Со само мало зголемување на нивниот вкупен удел на гласови, трите политички групи што се движат од десниот центар до крајната десница би можеле да обезбедат парламентарно мнозинство, факт без преседан во историјата на ЕУ. Во исто време, сепак, изгледите за десничарска коалиција отвораат егзистенцијални прашања меѓу центристичките партии, кои се непријателски настроени кон таков сојуз од идеолошки или тактички причини. Доаѓањето на власт на новата генерација неонационалистички лидери (Егер и Валдез 2014; 2019) дополнително ја комплицира равенката со поместување на политичката рамнотежа кон десницата, на сметка и на центарот и на традиционалната крајна десница. Затоа претстои клучна политичка година за ЕУ.
За малку ќе заборавев. Уште една „параспур“ демократија ќе оди на избори во 2024-та. Македонската. Цинично е да се прашувам како овие избори ќе влијаат на изборите во ЕУ и САД следната година? Сѐ е изгледно и ништо не е сигурно. Да бевме сериозна држава, ќе знаевме што да очекуваме и како да се поставиме (секако политички) кон промените што како цунами ќе ги потопат односите на Европа и САД во 2024 година. Наместо тоа, ние се занимаваме самите со себе и, секако, со Уставот и, до неодамна, со ѓубрето. Не гледам причина да ги анализирам нашите избори во контекст на европските и американските. И така од нас ништо не зависи. Вака мали и неважни, како што ме убедуваат со години нашите „чушка“ политичари и едноклеточни експерти, најдобро е да оставиме други да ни ја средуваат државата – в година некоја друга администрација – европска или американска, сеедно. А ние како попчиња ќе си слушаме и ќе се полтронираме и понатаму, без огледа каква и да е власта. Затоа да продолжиме да си играме демократија и да глумиме држава. И да се занесуваме дека сме некојси фактор – за по дома.