Уметниците и креативните творци, размислувајќи и создавајќи на оваа тема (60 години од скопскиот земјотрес), преку своите дела му оддаваат почит на нашиот град на вистински начин. И тоа е можеби единствениот начин да се покаже како се сака еден град, затоа што душегрижништвото, површно, декларативно, невдахновено, досега не му донесе ништо добро
Во својот емотивен текст „Во пет и седумнаесет“, напишан непосредно по земјотресот од 1963-та, Ацо Шопов кон крајот заклучува: „Зашто овој град не се ни улиците ни плоштадите, липите и црвените каранфили, парковите и гулабите, кулите убави или грди, линиите на старата и новата архитектура што ја сече оваа Вардар река како човечка вододелница, како две страници од историјата. Зашто овој град не се овие гробишта од железо и бетон, од малтер и цигли, ни овие темни заканувачки пукнатини на ѕидиштата, тие дијагонали на смртта, ни крововите што за чудо висат на тротоарите. Зашто овој град – тоа си ти, човеку. Зашто овој град – тоа е твојата невидена архитектура на совеста, љубовта, трпението и патилата, град на непознатата човечност во тебе“…
Овој текст беше инспирација за изложбата посветена на 100 години од неговото раѓањето и 60-годишнината од скопскиот земјотрес што ќе се наврши на 26 јули годинава. Изложбата беше организирана од уметницата Дијана Томиќ-Радевска, која во едно свое интервју по овој повод потенцираше дека уметниците имаат можност визуелно да ја шират емпатијата кон својот град: „Ние таа солидарност знаеме да ја покажеме, но заборавивме да ја испочитуваме во оваа современост. Уметноста опоменува, уметниците учествуваат во подигањето на критичката мисла, ја имаат можноста визуелно да ја шират емпатијата кон својот град, љубовта кон своите сонародници, а тоа треба да се забележи, да се впие, да се испочитува. Уметноста е секогаш повик кон подобро разбирање, борба за човековите права, дури, е вресок кон сите, да бидеме подобри“… И на крајот заклучува: „Ако го продолжиме зборот на Шопов ќе кажам, тоа е човекот, оној скромен тивок човек би рекла, кој го губи гласот, останува нем пред вревата на небитниците. За мене овој град ја изгуби целината на пристоен град. Ги сакам некои маалски катчиња што се борат да останат автентични, не само во смисла на старото, но автентични по духот што го носеле, се борат да останат чисти, во вистинска смисла на зборот…
Во јули ни претстојат уште две изложби по истиот повод. Едната е на фотографот Сашо Димовски, која ќе проговори за директните и индиректните последици од земјотресот во 1963 година. „Овие последици не се само инфраструктурни, туку, можеби и повеќе од тоа, социјални и општествени. Сакам да ја покажам постојаноста на дисконтинуитетот на средината во која живееме, како и бесмисленоста на нејзиното постојано, хаотично и грозничаво разградување, доградување и преградување. Преку некои објекти изградени во постземјотресно Скопје, ќе се обидам да поставам неколку прашања, врз основа на визуелните размисли прикажани на ѕидовите на галеријата. Овие објекти доследно се држат до првичната идеја на концептот да бидат визуелна метафора/алегорија на случувањата во општеството, на македонската транзиција. Земјотресот е природна појава со разурнувачки ефекти, но што правиме со земјотресите што многу често се случуваат во општествената сфера? И како, и дали се справуваме со нив?“, прашува Димовски. Втората ќе биде изложбата на графичкиот уметник Диме Темков, кој преку своите графики ќе потсети на оваа тажна годишнина од несреќата… Во одбележување на годишнината од големата катастрофа се вклучија и архитектите со големата меѓународна научна конференција „Проект Скопје“ – на која светски експерти разговараа за моќта на архитектурата и на солидарноста, но и за поуките од минатото.
Сиве овие настани се можеби најдобриот начин да се потсетиме на минатото на овој град, но и да се замислиме за тоа како денес се однесуваме кон него. Уметниците и креативните творци, размислувајќи и создавајќи на оваа тема, преку своите дела му оддаваат почит на нашиот град на вистински начин. И тоа е можеби единствениот начин да се покаже како се сака еден град, затоа што душегрижништвото, површно, декларативно, невдахновено, досега не му донесе ништо добро.