Глупоста на филозофијата на безалтернативност

Записи во несоница

Алтернатива е синоним за избор, па затоа и Сартр слободата ја дефинира со тој поим. Правилно, бидејќи човекот што одбива избор, сведувајќи се на дефектното „нема друга алтернатива“, не е слободно битие. Нему му е туѓа слободата, како што некој сега сака да не бидат слободни и Македонците на кои им се наметнуваат по диктат уцени и закана „Нема друга алтернатива, освен ЕУ и НАТО“. На тој начин се врши генетички инженеринг врз нив на дебилизација и зомбификација.

Темата е голема како море без брегови, драг читателу, а ние сега блицкриг ќе дадеме само некои согледби, кои ќе ја разголат оваа глупава филозофија на безалтернативност што ја форсираат нашите полтрони од власта, како и некои за таа цел платени медиуми, новинари и невладини, мислејќи дека вистина овој народ е глуп. Да. Оти сè што е живо во микрокосмосот и макрокосмосот, па дури и во билниот и растителниот свет, како што докажаа и Бакстер и Кирлијан, е подложно на динамичниот принцип на избор најмалку меѓу две и повеќе алтернативи. Изборот, пак, драг читателу, го налагаат граничните ситуации во кои постојано како егзистенцијална зададеност се наоѓаме ние. Слично на Шекспировиот Хамлет: „Да се биде, или да не се биде“. Иако Хамлет се колебаше долго, не го направи изборот, па се знае што му се случи.

Изборот, како што би рекол слично на Сартр и Аристотел, е катарза на битието, негово морално и психолошко ослободување од товарот што го притиска. Ќе дадеме некои примери за избор во гранични ситуации. Може ќе се зачудат безалтернативците, но ним ќе им кажеме дека Господ им дал избор, алтернатива не само на живите, но и на мртвите. А тоа е воскресението, што значи незадоволување со смртта како вид безалтернативност.

А сега да одиме на живите. Тука, според нас, е архетипалната гранична ситуација поставена пред „еднодимензионалниот потрошувачки човек“ (Маркузе) на модерната западна цивилизација одметната од Бог и божественото. Таа типична ситуација силно го интересира и длабокоумниот Ерих Фром, па ја анализира неа во својата книга со дијагностички наслов: „Да се има или да се биде“. А тоа е всушност основната дилема пред која е исправен модерниот без Бог и вера човек, кој треба да избира меѓу материјалното богатство и лакомост (да се има) и сопствениот длабински идентитет (да се биде) што го загубил, оној во кој е втемелено вистинското обожествено Јас, или Атман како што велат Индусите. Овој избор за западниот безбожен човек е навистина драматичен за враќање на загубената фаустовска душа што ја држи во прегратка Мефистофел.

Тоа е најбитното, крупно прашање и на самата цивилизација. Има и редица други гранични ситуации и избори. Киркегард укажува во таа смисла на изборот да се верува или да не се верува. Вели дека човекот тука е исправен меѓу „можноста да не се верува и неможноста да не се верува“. Типичен негов парадокс, златната фигура на филозофијата како што мисли тој. Има секогаш алтернатива, избор да се смени и религијата што ја практикуваш во друга, ако не си задоволен од неа. Познат, речиси архетипален на тој план е случајот со славниот боксер Касиус Клеј, кој ја смени христијанската вера за ислам како Мохамед Али. А има тука и средишни ситуации како онаа, на пример, на Толстој, кој беше во судир со ортодоксната корумпирана христијанска црква во Русија, па се приклони кон богомилската христолика социјална и морална етика, гравитирајќи и кон будизмот. Може тука беше на дело влијанието на Ганди со кого беше во врска, а и Ганди под негово влијание длабоко го засака и почитуваше учењето на Христос. Итн.

Изборот ни стои на дофат на секоја гранична ситуација и во секоја секунда од неа, драг читателу. Западните европски „демократи“, макар и под маска него посебно го ценат божем како примарен гест на демократија. Обидувајќи се притоа да покажат колку се широки тие, во својата досада по натрупаното колонијалистичко богатство, како што би рекол Бодлер, произведуваат несфатливи нешта. Сега тоа е нивната идеја, што ја пласираат и во здравиот биолошки и психолошки Балкан, на избор на полот по желба, различно од тој што ти го дал Господ. И тоа, драг читателу, е веќе сериозен симптом на психолошкиот и моралниот распад на оваа цивилизација. За тој феномен неодамна во „Нова Македонија“ аналитички пишуваше и длабокоумниот владика Агатангел, покажувајќи колку е и денес цивилизациски актуелна и современа Библијата. Но тоа е, и таква е западната демократија, која рускиот писател, долго време емигрант во Германија, Зиновјев ја дефинира како тоталитарна. Оти таа важи само за нив, но не и за другите. Не важи никако за нас Македонците на кои ни се ускратува изборот и ни се нуди филозофијата на безалтернативност во мантрата во која нè тераат како зомби-суштества до бескрај да повторуваме: „Нема друга алтернатива, освен ЕУ и НАТО“. И мора да ја мантраме и под закани и уцени бидејќи немаме како Северна Кореја атомска бомба, иако сме малечки, па да се браниме. Чесен збор. И ајде НАТО го добивме за евентуална наша употреба како топовско месо за борба против Русите.

А плус и му плаќаме во цела сиромаштија рекет од нас двесте милиони долари годишно. Тоа. А Европа никако не нè прима, оти сега-засега сè уште идентитетски не нè доликвидирала. Макрон повеќе знае за тоа. И благодарение на таа и таквата Европа што нè урива идентитетски и нè става во идентитетска гробница, во најново време од нацифашистичката Лисабонска декларација (1922), па натаму со цела серија понижувања и омаловажувања, сè до егзекуцијата со нејзината гилотина во Преспа-Нивици 2018 на главата на нашето автентично генеричко име, кое е сè за нас, сад и содржина на целокупниот наш идентитет. Од првите страници на Светото писмо, од кое тие ништо не научија, сè до денес Македонците којзнае по кој пат се ставени на гранична хамлетовска ситуација: „Да се биде или да не се биде“.

Нашите илинденски комити беа во истата таа ситуација, како и асномските партизани подоцна, па дилемата храбро ја решија со херојскиот избор, со слоганот „Слобода или смрт“. А тој слоган и сега, кога нè ништат идентитетски од Брисел и Вашингтон заедно со нашите квислинзи во Владата и власта, посебно е актуелен. Можеби и повеќе од кога било пред тоа, оти идентитетската смрт е пострашна од физичката.

Тоа, драг читателу. Како што гледаш гранични ситуации во кои се напушта глупавата филозофија на безалтернативноста и се прави избор, скок во вера како што би рекол Киркегард, или во кратерот на Етна како што го стори тоа Емпедокле, постојат не само за индивидуата туку и за цели колективитети, племиња, народи, па и цивилизации. Постојат во историјата во минатото, но и денес. На пример, рапидно се менува сликата на светот во кој доминираше апсолутистички евроамериканскиот Запад. Но сега веќе не доминира бидејќи тука е новата силна групација БРИКС (Кина, Русија, Индија, Бразил…), која наскоро ќе ја скуси доминацијата на доларот и ќе му понуди нова алтернатива (избор) на светот. Но нам Македонците ни е забранет изборот, оти сме научени од Брисел и нашите политички полтрони на безалтернативност.

При крај сме, драг читателу. Уште само за еден екстремно важен цивилизациски избор во гранични ситуации познат во историјата на човештвото. А тоа е изборот меѓу варварството и култура. Во некоја друга колумна посебно ќе разговараме на таа важна тема. Оти и Ниче еднаш рече дека варварите се посреќни од човекот на културата, иако во покомплексен контекст. Модерна Европа, ариевска, што се фали и денес по цел свет со својата демократија, двапати беше во 20 век пред тој избор: култура, или варварство. И таа го одбра варварството со Првата и набргу по неа и со Втората светска војна, а се плашам, има знаци за тоа, дека и сега ќе го направи погрешниот избор. Случајот со нејзиниот идентитетски геноцид врз Македонците говори во прилог на таа реална (хипо)теза.

Толку за денес, драг читателу. Се гледаме и се читаме за една недела ако опстојат Македонија и Македонците дотогаш, опколени отсекаде и однатре со ништачи.