Агенцијата „Асошиејтед прес“ издвои некои други фудбалери од претходните години што играа во САД, како Пеле, Бекенбауер, Кројф, Ибрахимовиќ, Анри и Руни
Лионел Меси е на пат да стане дел од следното поглавје на машкиот фудбал во Северна Америка, откако Аргентинецот најави дека ќе му се приклучи на Интер Мајами од Фудбалската лига во САД (МЛС), што е уште еден значаен момент за лигата и за спортот во САД, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Тој е нов познат интернационален фудбалер што ќе игра во САД, а АП издвои некои други од претходните години.
Едсон Арантес до Насименто Пеле веќе беше трикратен светски шампион со Бразил и несомнено најдобар играч на светот кога го напушти Бразил во 1975 година за шанса да биде заштитно лице на фудбалот во Северна Америка. Предводникот на „прекрасната игра“ му се приклучи на Њујорк космос. Неговото име донесе бучава што му недостигаше на спортот во Северна Америка, пишува АП. Пеле постигна 64 гола во три сезони за Космос, за титула во 1977 година.
Пристигнувањето на Дејвид Бекам во САД помогна да се обезбеди валидност за МЛС, пишува АП. Бекам имаше 31 година и само што доигра четири сезони во Реал Мадрид кога се приклучи на ЛА галакси во 2007 година. Бекам помина делови од шест сезони во Лос Анџелес, со неколку ангажмани во Милан, а се врати во Европа за да ја заврши кариерата во ПСЖ.
Франц Бекенбауер му се приклучи на Њујорк космос, играше четири сезони од 1977 година, трипати го освои шампионатот. Тој се врати во Германија две сезони пред повторно да му се приклучи на Космос за неговата последна сезона како играч во 1983 година. Бекенбауер стана славен на меѓународно ниво играјќи за Германија и за Баерн, а неговото влијание во Америка беше такво што беше примен во Фудбалската куќа на славните на САД во 1998 година.
Јохан Кројф рече дека се пензионирал прерано откако станал меѓународна ѕвезда играјќи за Ајакс и за Барселона. Неговото кратко пензионирање заврши во 1979 година кога потпиша за Лос Анџелес ацтеки, беше избран за играч на годината во лигата во едната сезона во Лос Анџелес, откако постигна 14 гола на 22 натпревари. Кројф се пресели во Вашингтон дипломатс, ја одигра сезоната во 1980 година и пет натпревари во 1981 година, пред да се врати во Холандија и да ја заокружи кариерата играјќи за Ајакс и за Феенорд.
Златан Ибрахимовиќ беше две сезони со ЛА галакси, но тоа беа две спектакуларно незаборавни сезони, пишува АП. Ибрахимовиќ постигна гол од речиси средината на теренот во неговиот прв натпревар против ФК Лос Анџелес. Во 2019 година на 37-годишна возраст, Ибрахимовиќ постигна 30 гола на 31 натпревар, вклучувајќи два хет-трика и шест меча со по два гола. Тој ги помина последните четири сезони во Милан, каде што постигна 34 гола на 64 натпревари и ја освои титулата во Серија А во 2022 година, пишува АП.
Тиери Анри се приклучи на Њујорк Ред булс во 2010 година, помина делови од пет сезони во Њујорк и додека Ред Бул освои трофеј во 2013 година, постигна 51 гол на 121 натпревар од регуларната сезона, а времето на Анри во Њујорк беше важно затоа што го одржа доаѓањето на фудбалери од Европа, по преселбата на Бекам во 2007 година. Анри остана во лигата откако неговата играчка кариера заврши, како главен тренер една сезона во Монтреал.
Откако го постави секој голгетерски рекорд во Манчестер јунајтед и кратко се врати во својот клуб од детството Евертон, Вејн Руни пристигна во ДЦ јунајтед во 2018 година на 32-годишна возраст. Тој одигра една и пол сезона, со 23 гола на 48 меча, но неговата поврзаност со клубот отиде подалеку. По краткото враќање во Англија за да игра за Дерби каунти како играч тренер, Руни се врати во ДЦ јунајтед во 2022 година како главен тренер. ДЦ јунајтед моментално е седми во Источната конференција, пишува АП.