Во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, вечерва, во 19 часот ќе биде отворена изложба од уметниците Марија Дичова и Симона Манчева. Идејата за овој нивен заеднички проект се заснова на користење отпадни материјали. Отпадот како медиум и истражувањето при негово користење се засноваат на различни гледишта во кои човекот во секој поглед е инволвиран во процесот на создавање. Самите дела опфаќаат некој општествено, социјален, интимен, психолошки и естетски момент.
– Моите истражувања се засноваат на одредена идеја, тема, техника, материјал или медиум во кои човекот учествува во создавањето на делото, со тоа што неговиот одраз влегува во ликовниот концепт на делото.
Уметничките интереси на Манчева, пак, се базираат на согледување на фиктивната реалност и на уште пофиктивниот морал во општествата.
– Преку своите истражувања се обидувам да ги прикажам и разнишам нашите стегнати предрасуди и стереотипи, кои ги зајакнуваат границите на нашата слобода, истовремено да се развие свесноста на луѓето за остварување на своите права и задоволување на своите потреби – вели таа. И двете уметници дипломирале на Факултетот за ликовна уметност – Скопје и досега реализирале повеќе проекти.