КОШАРКА – НБА, ФИНАЛЕ НА ИСТОКОТ

Бостон намали на 1-3

За разлика од Лос Анџелес лејкерс, кому не му успеа во Западната конференција да триумфира барем еднаш во конференциското финале и загуби со максимални 0-4 од Денвер, Бостон успеа да слави во финалето на Источната конференција на гости (116-99) и со тоа да намали на 1-3 во серијата што се игра до четири победи. Една од причините за поразот на Мајами треба да се бара и во шутот за три поени (Мајами имаше 8/32, а Бостон 19/45). Во историјата на НБА-лигата ниту една екипа досега не успеала да се врати во игра по водство на противникот со 3-0. Петтиот меч помеѓу овие екипи е предвиден да се игра утре наутро во Бостон. Г.И.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д’ИТАЛИЈА

Алмеида најбрз на 16. етапа, Томас го врати водството

Португалскиот велосипедист Жоао Алмеида триумфира на 16. етапа на велосипедската трка Џиро д’Италија, ридска делница долга 203 км, со мошне возбудлив спринтерски финиш. Британецот Герент Томас беше втор и се врати на лидерската позиција во вкупниот пласман, а Словенецот Примож Роглич беше на третата позиција. По оваа етапа, носител на розовата маичка во генералниот поредок е Томас со 18 секунди предност пред Алмеида, а трет е Роглич со 29 секунди заостанување. Ако Томас го задржи лидерското место, тој ќе стане највозрасниот победник на оваа трка во нејзината историја. Следната 17. етапа, во должина од 197 км, беше закажана за вчера. Г.И.


ФУДБАЛ – МЛАДИНСКО СП 2023

Аргентина е првиот осминафиналист

Аргентина прва го обезбеди пласманот во осминафиналето на Светското првенство (СП) за фудбалери до 20 години што се игра во таа земја, со победата со 3-0 на мечот со Гватемала во второто коло на групата А. Аргентина има шест бода од два меча и не може да заврши пониско од второто место во групата. Шесткратниот младински светски првак утре треба да игра со Нов Зеланд, кој има четири бода, а по еден бод во таа група имаат Узбекистан и Гватемала. Првопласираните две репрезентации од секоја од шесте групи и четирите најдобри меѓу третопласираните, ќе се пласираат во осминафиналето. Н.М.


ФУДБАЛ

Светскиот првак во јуни ќе има азиска турнеја

Светскиот фудбалски шампион Аргентина ќе игра со Австралија во Пекинг и со Индонезија за време на турнејата во Азија со два натпревара во јуни, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“. Аргентина ќе игра со Австралија на 15 јуни и тоа ќе биде прва средба меѓу тие репрезентации откако Лионел Меси и неговиот состав од Аргентина ја победија Австралија со 2-1 во осминафиналето на патот кон освојување на титулата на Светското првенство лани во Катар. Фудбалската федерација на Аргентина соопшти дека националниот тим ќе игра со Индонезија во Џакарта на 19 јуни. Н.М.


ХОКЕЈ НА МРАЗ

По три финалиња по ред, Канада и Финска сега ќе се сретнат во четврт-финалето

САД – Чешка, Швајцарија – Германија, Шведска – Летонија и Канада – Финска се денешните четвртфинални двојки на 86-то Светско првенство (СП) во хокеј на мраз по комплетирањето на групната фаза. Светската титула од лани ја брани репрезентацијата на Финска (вкупно има четири трофеи од СП). Меѓу осумте најдобри селекции на СП 2023, што се игра во Финска и во Летонија, се седум репрезентации од минатиот планетарен шампионат, а сега на местото на Словачка игра Летонија. Дуелот Канада – Финска е реприза на финалињата на претходните три првенствата, во 2019, 2021 и во 2022 година (во 2020 немаше СП поради пандемијата на ковид-19). Г.М.