Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека „владината коалиција е стабилна и има 65 пратеници“, како одговор на најавите на неколку помали коалициски партнери дека ќе го напуштат владиното мнозинство доколку не им бидат исполнети нивните барања.
-Нормално е дека во рамки на коалицијата има политички партии со одредени ставови кои идеолошки или операционално се разликуваат од другите политички партии, но на главните политички правци на владината коалиција сите имаат исто гледање – изјави денеска премиерот Ковачевски пред почетокот на трибината „Енергетска безбедност и зелена транзиција“.
Вчера од партијата Достоинство најавија дека ќе го преиспитаат нивното членство во владејачкото мнозинство поради одбивањето на пратениците од СДСМ да поддржат измени на законот за бранителите, иницирани од Достоинство.
Претходно, ДОМ имаше забелешки околу предлогот за воведување една изборна единица, а забелешки за неколку закони имаше и ВМРО-НП.
-Партијата ДОМ имаше изјава во однос на изборниот модел, односно една изборна единица. СДСМ е првата партија која тој модел го стави во својата програма и од тоа не сме отстапиле. ВМРО-НП уште од почетокот имаше прилично конзистентен став во однос на одредени закони, но тоа не влијае на генералните правци на Владата – рече Ковачевски.
Во однос на најавите од Достоинство, премиерот рече дека има исклучителна почит за нивниот претседател и за членовите на партијата и дека ќе разговараат за законските решенија што ги предлагаат тие и нивната усогласеност со другите.