Фото: Маја Јаневска- Илиева

Фондацијата „Проф. д-р Љупчо Ајдински“ денес ги додели парични награди и признанија кои традиционално двапати во текот на годината ги доделува на студент со попреченост, ученик со попреченост и дефектолог од праксата, како и плакета за институција која е најдобра во областа на заштитата образованието и рехабилитацијата на лицата со попреченост.

Претседателот на фондацијата, проф. д-р Горан Ајдински со наградените / Фото: Маја Јаневска- Илиева

По одлука на одборот на хуманитарната фондација „Проф. д-р Љупчо Ајдински“, а по предлог на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Македонија доделени беа парични награди во висина од 10.000 денари на Стефан Панчевски, ученик во четврто одделение во ООУ „Браќа Миладиновци“ во Аеродром, Скопје, дете со оштетен слух, одличен успех со примерно поведение. Награда доби и Ангела Живаљевиќ, студент на прва година на Институтот за социјална работа и социјални политики при Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, лице со попреченост во движењето.

Стефан Панчевски / Фото: Маја Јаневска- Илиева

Парична награда, сертификат и признание од фондацијата доби дипломираниот дефектолог и магистер по дефектолошки науки Зденка Стаменова, вработена во ЈЗУ Здравствен дом на Скопје, Завод за ментално здравје на деца и младинци – Младост, за најдобар практичар вработен во установите од областа на заштитата, образованието и рехабилитацијата на лица со попреченост во текот на 2022 година.

М-р Зденка Стаменова / Фото: Маја Јаневска- Илиева

Плакета, сертификат и признание фондацијата додели на Основното училиште со ресурен центар „Д-р Златен Сремац“ – Скопје за најдобра установа од областа на заштитата, образованието и рехабилитацијатана лицата со попреченост во текот на 2022 година.

Фото: Маја Јаневска- Илиева

Паричните награди, сертификатите и признанијата ги врачи претседателот на фондацијата, проф. д-р Горан Ајдински.

Претседателот на фондацијата проф. д-р Горан Ајдински / Фото: Маја Јаневска- Илиева

Претседателот на фондацијата проф. д-р Горан Ајдински истакна дека целта на фондацијата е продолжување на хуманите активности кон лицата со попреченост, подобрување на нивната вклученост во секојдневните активности, унапредување на квалитетот на животот на лицата со попреченост и нивните семејства, хумана мисија, која ја започнал проф. д-р Љупчо Ајдински.

Одборот на фондацијата го сочинуваат членови на потесното семејство, а со фондацијата раководат претседателот проф. д-р Горан Ајдински, раководителот на Институтот за специјална едукација и рехабилитација, претседателот на Сојузот на специјални рехабилитатори и истакнати дефектолози од практиката.