Карикатура: „Нова Македонија“

Во анализата на Институтот за комуникациски студии (ИКС) првпат се прават и скала и индекс на медиумска писменост, со цел да се провери дали и на кој начин можат да се мерат писменоста за вести, мотивацијата, но и свесноста за бариерите кај ранливите групи граѓани во процесот на препознавањето на дезинформациите

ИСТРАЖУВАЊЕ ЗА МЕДИУМСКАТА ПИСМЕНОСТ

Медиумската писменост е клучна алатка во борбата против дезинформациите.
Граѓаните што се медиумски писмени се повеќе свесни за постоењето на дезинформации, можат активно да учествуваат во процесот на следење вести и подобро знаат и умеат да ги препознаваат дезинформациите и да се справат со нив, се наведува во истражувањето насловено „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани во Северна Македонија“, кое го спроведе Институтот за комуникациски студии.
Истражувањето се фокусира на утврдувањето на индивидуалните фактори, мотиви и бариери за препознавање и за справување со дезинформации, како и на поврзаноста на медиумската писменост со умешноста за препознавање дезинформации во интернет-вестите. Како ранливи групи се идентификувани младите лица на возраст меѓу 18 и 28 години, возрасните лица над 60 години и лицата од социјално ранлива категорија (приматели на некаков вид социјална помош). Во истражувањето е наведено дека над 85 отсто и од студентите и од пензионерите следат интернет-вести, што укажува дека следењето вести и можноста да дојдат во допир со дезинформации преку дигиталните медиуми се големи кај двете возрасни групи.

Нема испитаник студент што ги препознал сите знаци на лажна вест во една или во повеќето интернет-вести. Најголемиот дел пензионери не препознале ниту еден или препознале само еден знак на лажна вест, се наведува во анализата.
Инаку, истражувањето е иновативно и по тоа што првпат се прават соодветна скала и индекс на медиумска писменост, во обид да се провери дали и на кој начин можат да се мерат писменоста за вести, мотивацијата, но и свесноста за бариерите кај ранливите групи граѓани во процесот на препознавањето на дезинформациите.
Главната цел на истражувањето е да се утврдат индивидуалните фактори, мотиви и бариери за препознавање и за справување со дезинформациите.
Во однос на самоперцепцијата на способноста за препознавање дезинформации, се наведува е дека над 70 отсто од испитаниците одговориле дека можат да препознаат кога веста не е вистинита (над 50 отсто одговориле дека понекогаш можат да препознаат, додека 22 отсто се сигурни дека секогаш можат да препознаат кога веста не е вистинита). Мажите се поуверени дека секогаш можат да препознаат дезинформации (26 отсто) отколку жените (19 отсто). Кога се сомневаат во веста што ја прочитале, 30 отсто од испитаниците проверуваат дали и како е пренесена веста.
Во анализата се наведува и дека популацијата помлада од 45 години, како извори на информирање за домашните настани во поголема мера ги користи социјалните медиуми, додека популацијата повозрасна од 45 години во поголема мера ги користи традиционалните медиуми. Во однос на стратегиите на однесувањето на испитаниците, кога ќе забележат големи или суштински разлики во информирањето за исти настани, најголем дел испитаници (околу 50 отсто од популацијата во секоја возрасна група) својот став го креираат преку разговор со членовите на семејството, со пријателите или со други луѓе. Исто така постои еднаков процент во секоја возрасна група (околу 30 отсто) што најчесто ги прифаќа информациите од еден извор на кој му верува, се наведува во анализата.

– Медиумската писменост треба да им овозможува на луѓето да имаат вештини, знаење и разбирање за целосно да ги искористат можностите што ги нудат и традиционалните и новите комуникациски медиуми. Да се биде медиумски писмен, особено онлајн, е од фундаментално значење за тоа како луѓето се однесуваат како потрошувачи, корисници и „дигитални“ граѓани. Централната улога што ја игра медиумската писменост на интернет исто така има импликации врз другите сфери во животот на луѓето- се наведува во анализата на Институтот за комуникациски студии.
Инаку, во истражувањето биле опфатени 291 испитаник, од кои 193 студенти и 98 пензионери. Дополнително била спроведена и дискусија со фокус-група од 16 лица од социоекономски ранливи категории – Роми од општината Шуто Оризари, корисници на социјална помош. Во истражувањето се опфатени испитаници од различна возрасна структура и од различни делови од Македонија, од рурални и урбани општини.
Во однос на местото на живеење (град/село), прашалникот го пополниле 67,4 отсто студенти што живеат во град, а 32,6 отсто студенти што живеат во село. Според етничката припадност, Македонците се застапени со 61,1 отсто, Албанците со 35,2 отсто и другите националности со 3,6 отсто. Во втората група, пак, возрасни над 60 години, биле вклучени пензионери, членови на пензионерските здруженија од повеќе општини. Во однос на местото на живеење, 83,7 отсто од нив живеат во град, додека 16,3 отсто во село. Според етничката припадност, 71,4 отсто од испитаните пензионери се Македонци, 23,5 отсто Албанци, а 5 отсто се од други етнички заедници (Роми, Срби и др.).

Истражувањето дава интересни показатели и за сферите на интерес кај различните категории на испитаници. Така на пример, сумирано во однос на знаењето и на интересот за процесите на европската интеграција и за климатските промени, може да се заклучи дека доста е големо непознавањето на пензионерите, но особено на студентите, во однос на одредени основни факти за членството на Македонија во Европската Унија. И пензионерите и студентите се повеќе заинтересирани и повеќе им се важни темите за климатските промени отколку темите поврзани со европските интеграции, се наведува во истражувањето. Инаку, целата анализа е изработена во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за издигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија“, кој се реализира со поддршка на Британската амбасада во Скопје.
Целта е податоците од истражувањето да се користат за научни и едукативни цели, при што ќе се дадат и препораки и насоки за креирање образовни содржини и активности за намалување на подложноста на граѓаните кон дезинформациите.

А.Д.


Институт за комуникациски студии

Институтот за комуникациски студии (ИКС) веќе подолг период е еден од главните фактори во борбата против дезинформациите и за промовирање на медиумската писменост генерално во Македонија. Досега се спроведени повеќе проекти за унапредување на медиумската писменост во активно беа вклучени експерти од странство, но и домашни познавачи на оваа проблематика, при што „Нова Македонија“ имаше значајна улога во овие проекти, како партнерски медиум.
Во моментов е актуелен проектот „Користи факти“ на ИКС, кој има цел да ја зајакне отпорноста кон дезинформациите на широката јавност и ранливите групи во Македонија. Тој цели да создаде длабински анализи, истражувачки стории, едукативни содржини и да понуди ресурси што ќе ги мотивираат граѓаните поангажирано да дејствуваат во општествените случувања и ќе ја зголемат транспарентноста на институциите, со што ќе се намали просторот за ширење дезинформации.
Крајната цел на проектот е да се сензибилизираат граѓаните кон препознавање на структурата и содржината на дезинформациите, да се имунизираат против нивно ширење и да се изврши влијание врз властите за зголемена транспарентност во работењето и во процесите на носење одлуки за јавни политики.
Проектот e насочен кон актуелни теми за кои најмногу се шират дезинформации во Македонија. Резултатите од истражувањата ќе бидат пласирани на медиумските онлајн платформи на ИКС, но и на други партнерски медиуми на проектот.