Поранешниот командант на ОВК, Хашим Тачи, обвинет за злосторства во Косово и Албанија, денеска пред судот во Хаг, негираше дека ОВК тргувала со човечки органи на затвореници во 1999 година и повтори дека не е виновен за делата во обвинението.
– Светот сега знае, како резултат на овие процеси, дека немало трговија со органи и дека Жолтата куќа никогаш не постоела. Сега знаеме дека јас и ОВК, и народот на Косово и сите Албанци сме ослободени од тоа обвинение, рече Тачи алудирајќи на обвинението во кое не се споменува трговија со органи – пренесува Бета.
Тачи го нарече „застрашувачко“ тврдењето од извештајот на Дик Марти, специјалниот известувач на Советот на Европа, објавен во 2011 година, дека ОВК и тој лично биле вклучени во трговијата со човечки органи.
Обвинетиот рече дека „веднаш побарал меѓународната заедница да спроведе независна истрага“ за тие обвинувања.
– Меѓународната заедница ми одговори дека е неопходен специјален суд за да се укине црниот облак од обвиненија за трговија со органи, кој висеше над Косово. Вистината сега е кажана и црниот облак се крена над Косово – рече Тачи.
Тврдејќи дека неговото „жртвување“ затоа „било вредно“, Тачи нагласи дека очекува на крајот од судењето да биде ослободен од сите обвиненија.