Наградите „Карлаварис“, „Хаџи-Антоновски“ и „Вешиќ-Ралевиќ“ доделени на млади уметници од Индија, Јапонија и од Турција
Meѓународното жири при детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола ги донесе одлуките за доделување на највисоките награди за 41. издание на Светската детска ликовна изложба и конкурс „Битола“.
На светскиот детски ликовен конкурс, кој траеше од 20 септември 2022 година до 20 февруари 2023 година, комисијата констатира дека пристигнаа над 650 пратки од приватни и државни училишта од целиот свет – поточно од 71 држава, што, пак, генерираше фонд од 44.000 детски ликовни цртежи.
Meѓународното жири ги предложи, а управниот одбор на детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола ги усвои следните награди и нивните добитници:
• Почесната награда „Проф. Коста Хаџи-Антоновски“, која се доделува за значаен придонес кон светската промоција на детското сликарство и кон промоција на младите ликовни уметници и таленти му се доделува на градот Чигасаки – Канагава, Јапонија
• Почесната награда „Проф. Светлана Вешиќ-Ралевиќ“, која се доделува за првпат, а се однесува за најдобар педагошки пристап на светско ниво во работата со младите ликовни уметници и таленти, му се доделува на ликовниот педагог господин Вејсел Аџар од Трабзон, Турција.
• Почесната награда за животно дело за 2023 година „Проф. д-р Богомил Карлаварис“, која се однесува за целокупниот работен век на ликовен педагог при работата со млади ликовни уметници и таленти, ѝ се доделува на ликовниот педагог госпоѓа Киран Кансара од Вадодара, Индија
• Гран при, највисокото признание за 2023 година, му се доделува на „Симпли арт“ (Simply Art) од Хонгконг, Кина
Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола со ова генерираше покани кон 25 школи – тимови од 22 држави од светот што ќе учествуваат на 42-то издание на светската детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“, која традиционално ќе се одржи во Битола, во периодот од 23 до 30 мај, а на која ќе се натпреваруваат екипи од: Хонгконг (Кина), Израел, Турција, Бугарија, Србија, Индија, Словачка, Полска, Албанија, Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Јапонија, Тајланд, Малезија, Русија, Украина, Унгарија, Црна Гора, Португалија и Македонија.
Досега учеството го потврдија над 100 гости учесници.
Наедно, листата на поканетите школи ќе биде детално објавена на веб-страницата на детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола,
www.smallmontmartreofbitola.com.
Резултатите, пак, за освоените награди од светскиот детски ликовен конкурс „Битола“ ќе се објават во средината на април 2023 година.