Македонскиот збор силно одекна во главниот град на Франција

Македонскиот збор силно одекна во Париз, на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО), со меѓународниот симпозиум што беше организиран по повод 50 години од отворањето на тамошниот Лекторат по македонски јазик – најстариот активен лекторат по македонски јазик на универзитетите во светот. Одекнаа научните вистини за македонистиката и констатациите за потребата од натамошни вложувања во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура. Но и клучни согледби за македонските книжевни и културни вредности, преку осврнувањата на творештвото на великанот Ацо Шопов, во чест на 100-годишнината од неговото раѓање. Уште еднаш се потврди дека соработката меѓу Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и ИНАЛКО е исклучително важна за развојот на странската македонистика.
На симпозиумот се одржа тркалезна маса, која во целост беше посветена на македонистиката во Франција. На неа се обрати и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, како и проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која раководи со студиите по македонистика на ИНАЛКО.

Мојсова-Чепишевска детално се осврна на историјатот на македонистиката во Франција. Притоа, меѓу другото, укажа дека интересот за македонскиот јазик таму датира и од претходно, од периодот меѓу двете светски војни, кога професорите Андре Мазон и Андре Вајан имаат објавено капитални дела за македонските дијалекти. Укажа и на интересот за македонскиот јазик и веднаш по неговата кодификација, посочувајќи на конкретни историски факти.
– Повеќе од јасно е дека во темелите на овој лекторат е и еден претходен, од денешна перспектива согледано исклучително значаен, непрекинат научен интерес за македонскиот јазик во француската филологија и во периодот пред и по неговата кодификација. Тоа нè обврзува на заеднички заложби и за денешниот развој на македонистиката во Франција. Токму затоа и чествувањето на овој полувековен јубилеј не е и не треба да биде само формално одбележување, туку почетна точка на нови заеднички заложби на француските и македонските филолози и културолози, на ИНАЛКО и МСМЈЛК при УКИМ – рече Мојсова-Чепишевска.
Како што во заклучните согледби од симпозиумот нагласи и проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која раководи со студиите по македонистика на ИНАЛКО и претседаваше со тркалезната маса, излагањата на овој дел од симпозиумот успеаја во целта да се поттикнат и заеднички иницијативи и нови проекти за следните години, како влог во развојот на македонистиката.

Со свои излагања учествува и актуелниот лектор по македонски јазик на ИНАЛКО, м-р Ѓоко Здравески, асс. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Јован Костов од Универзитетот „Пол Валери Монпелје 3“. На творештвото на Шопов, на симпозиумот му беа посветени и две тркалезни маси. Особено е важно што на овие тркалезни маси со исцрпни дискусии и нови согледби учествуваа и истакнатите странски македонисти и универзитетски професори, Кристина Е. Крамер од САД/Канада и Маќеј Кавка од Полска, долгогодишни учесници на Меѓународната научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ и преведувачи на поезијата на Шопов. Покрај нив, на тркалезните маси учествува и професорот Жорж Алао од ИНАЛКО – Франција, по потекло од Нигерија, Дауда Ндиај од Сенегал, Хозе-Мариа Паз-Гаго од Шпанија, Џамила Межри од Тунис и Тања Кармзова од Франција.
Во овој дел на симпозиумот учествуваа и академиците од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Влада Урошевиќ и Катица Ќулавкова, која е и некогашна лекторка по македонски јазик на ИНАЛКО, како и ќерката на Шопов и истражувачка на неговото дело, Јасмина Шопова. На симпозиумот пред присутните се обрати и претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев.
Симпозиумот се оствари и со поддршка од МАНУ и фондацијата „Ацо Шопов поезија“.
Во чест на јубилејот 50 години Лекторат по македонски јазик, на ИНАЛКО се одржа и концерт на македонска народна музика, на француската македонистка и музичкарка Гаел Лекок и Анета Жорж, пејачка и композиторка, професорка на Американската школа за модерна музика во Париз (вокал, кавал и тамбура).
Ваквото чествување на полувековниот јубилеј на Лекторатот по македонски јазик во Париз ја потврди респектабилноста кон македонистиката на престижниот ИНАЛКО и воопшто во француската академска заедница. Но клучно е што со учесници од седум земји, од симпозиумот се успеа и во целта да се испрати пораката дека по оствареното во изминатите педесет години, со јасна цел и визија, вложувањата во македонистиката треба да продолжуваат во годините што следуваат.

Р.Н.М.


Претседателот Пендаровски во Париз се обрати на јубилејот во чест на Шопов

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на отворањето на меѓународниот симпозиум во рамките на чествувањето на јубилејот „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов (1923 – 1982)“, кој се одржа под негово покровителство во соработка со УНЕСКО во Париз. Наедно, претседателот Пендаровски ја проследи проекцијата и на анимираниот филм „Грозомор“, според истоимената песна на Ацо Шопов инспирирана од скопскиот земјотрес во 1963 година. Во рамките на чествувањето на јубилејот, претседателот Пендаровски ја посети изложбата „Патот по кој чекорам“ за творечкиот пат на Ацо Шопов, проследена со перформансот „Треба да бидеме подобри“.