Американскиот закон за намалување на инфлацијата треба да се гледа како повик за будење за Европа. Иако Групацијата на Европската инвестициска банка го одржа својот прв форум во Луксембург, политичарите можат да почнат да го испорачуваат она што најмногу ѝ треба на европската економија, а тоа се паметни, насочени инвестиции
Соочени со растечки инвестициски празнини, повеќето европски политичари се чини дека мислат дека е време за уште еден широко стимулативен пакет, и покрај високата инфлација и високите нивоа на јавен долг. Но можеби тоа е погрешно. Стимулот едноставно би ја принудил Европската централна банка (ЕЦБ) дополнително и побрзо да ги зголеми каматните стапки. Она што е потребно е насочена поддршка, имено инвестиции во сектори што се зелени и веројатно ќе промовираат отпорност и конкурентност. Потребните ресурси мора да се мобилизираат брзо и на ниво на целата Европска Унија (ЕУ), со експресна цел да се мобилизираат приватни инвестиции.
Во Европа беше изразена преголема загриженост околу заканата од американскиот Закон за намалување на инфлацијата (ИРА). Сепак, и покрај сите стравови што ги предизвика, ИРА на крајот е чекор во вистинската насока. Обезбедува огромна поддршка за зелените сектори каде што итно се потребни повеќе инвестиции и покажува дека САД и Европа конечно се усогласени во спроведувањето одржлива економска трансформација. Европејците треба да ја поздрават желбата на САД, да го зголемат својот капацитет за обновлива енергија и да дадат поддршка.
Целта на ИРА за изградба на модерна инфраструктура со ниска јаглеродна емисија сама по себе не е проблем за европската економија. Напротив, во секторите како ветерната енергија, каде што Европа е лидер во технологијата, поголемата побарувачка за инвестиции е позитивен развој. Покрај тоа што ќе има позитивен ефект врз климата, субвенциите од САД ќе обезбедат нови деловни можности за европските фирми.
Секако, некои елементи од новата американска политика претставуваат предизвици. ИРА нуди значителна поддршка за соларни панели, ветерна енергија, складирање енергија и чиста опрема за водород, но повеќето од овие придобивки се ограничени на производителите што можат да бараат статус „произведено во Америка“. Оваа поставеност секако ги исклучува европските производители, кои не ги добиваат истите субвенции од ЕУ.
Тоа го зголемува ризикот некои европски производители на опрема и производители на водород да ги повлечат инвестициите и да се преселат во САД, задавајќи му удар на веќе недоволно финансираниот иновациски сектор на ЕУ. Токму кога треба да се зајакне новонастанатиот синџир на снабдување за зелена технологија, некои од одредбите на ИРА би можеле да го нарушат поради корист на САД за сметка на Европа.
Но со одржување отворени канали за комуникација со американските партнери и насочување на инвестициите во вистинските сектори, Европа може да ги неутрализира проблематичните делови на ИРА, додека сè уште ќе ги користи добрите делови. Таквиот дијалог е од клучно значење, бидејќи треба да се убедат САД да преиспитаат некои од одредбите на ИРА, особено оние што се против долгогодишните принципи на отворена и фер конкуренција.
Во спроведувањето на таквите разговори, сепак, Европа не смее да се претстави како жртва. Европејците треба да прифатат дека многу од нивните сегашни инвестициски празнини лежат далеку од опсегот на ИРА. Како што покажува годишниот водечки извештај на Европската инвестициска банка (ЕИБ), во текот на изминатите десет години, Европа инвестирала два отсто помалку годишно во подобрување на продуктивноста отколку нејзините конкуренти. ИРА треба да се гледа како повик за будење за решавање на оваа недоволна инвестиција. Затоа, итно треба да се насочат повеќе пари во европската чиста енергија, производството на чиста технологија и дигитализацијата, бидејќи се клучни за зелената транзиција и идната конкурентност.
Можеби ова звучи како голема работа, но вистината е дека се достапни повеќето потребни алатки. ЕИБ обезбедува широк спектар на решенија за споделување ризик и долгорочно финансирање што може да ги направат ветувачките иновации попријатни за приватните инвеститори.
Може да се испрати силен сигнал до пазарот дека институциите и владите на ЕУ се подготвени да промовираат најсовремени технологии со инвестиции во долгови и капитал уште од раните фази на развојот. Постои подготвеност да се соработува со Европската комисија и земјите-членки на ЕУ за да се создаде нов паневропски капитален фонд за поддршка на големите потфати, кои се стратегиски важни за економија со нето нула јаглеродни емисии.
Некои би можеле да се запрашаат зошто би се фокусирале на големите потфати, имајќи предвид дека „потфатите“ имаат тенденција да потсетуваат на стартапи што претприемачите ги лансираат во нивните гаражи. Но, всушност, може да се забележат сè помасовни потфати што се појавуваат на најсовремената иновација. Вложувањата од оваа големина се токму она што ѝ треба на Европа, и тие бараат инвестиции од повеќе милијарди евра однапред, обично во форма на акции и капитално финансирање. Така, капиталниот фонд на ЕУ би можел да додаде значителна вредност помагајќи им на повеќе најсовремени фирми да започнат. И иако инвестициите се огромни, тие исто така би биле прецизно насочени.
Убавината на овој пристап е што е паневропски. Тоа ќе промовира еднакви услови за игра за земјите-членки на ЕУ и на тој начин ќе заштити едно од европските клучни достигнувања, а тоа е единствениот пазар. Исто така, ќе помогне во соочувањето со европските глобални предизвици без да се отфрлат европските вредности. Тоа би бил суштински европски одговор на ИРА и на пошироките геополитички предизвици со кои се соочува Европа.
Вернер Хојер е претседател на Европската инвестициска банка