Претседателот на Чешката Република во заминување, Милош Земан, денеска во Прага предупреди дека само неутралните земји можат да бидат потенцијални посредници во преговорите за завршување на војната во Украина, а „Кина нема да може да го стори тоа доколку ја поддржи Русија“.
– Сметам дека во некои случаи неутралноста на државата може да биде од корист. Токму денеска реков дека неутралноста на Австрија во одредени околности може да и овозможи на таа земја да игра улога на посредник во случајот со Украина и Русија. Пред еден месец разговарав со кинескиот претседател и исто така се согласивме дека Кина доколку не ја поддржи Русија, може да биде посредник – рече Земан на прес-конференција со австрискиот претседател Александер ван дер Белен.
Ван дер Белен потврди дека Австрија е воено неутрална, притоа истакнувајќи дека неутралноста не значи рамнодушност.
– Се разбира, тука имаме јасен став. Важно е дека во Европската унија, а ние сме нејзина членка, стоиме заедно во овие времиња, не смееме да дозволиме поделба, мора да зборуваме во еден глас. Сè уште ни е потребна таа европска солидарност, договор, одлучност да застанеме заедно за заедничките вредности – рече Ван дер Белен.
На Земан истекува вториот, според Уставот последен, петгодишен мандат, а новоизбраниот претседател, генерал во пензија, поранешен шеф на Воениот комитет на НАТО, Петр Павел, ќе стапи на должност на 9 март.