Науката нема интерес да предвидува, иако однапред знае каде каде може да се случат земјотреси, бидејќи постојано со инструменти ги следи движењето на земјината кора, но е многу несериозно, неодговорно, непринципиелно и не е базирано на факти да се каже дека може да се знае кога ќе се случи потрес, вели директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Влатко Шешов во интервју за МИА.
– Ако ние кажуваме дека постои веројатност дека во наредните 100 години ќе се случи еден земјотрес, кој ќе надмине магнитуда, да кажеме од 6 степени, тоа значи дека нашите податоци покажуваат дека во тој временски период тие раседни структури произведуваат енергија која што во еден момент ќе се ослободи и ќе предизвика таков потрес. Тоа е веќе научно искажан факт – нагласува Шешов.
Тој потенцира дека од тој аспект најбитно е да се има широка мрежа на инструменти коишто ги следат и оние микродвижења на земјината кора кои луѓето не ги чувствуваат, во поглед на сеизмичката енергија што се акумулира и да се знае дека во наредниот период во тоа подрачје можеме да очекуваме некој посилен потрес.
– Треба да работиме на тоа како да обезбедиме да се почитуваат техничките прописи, да имаме современи сознанија како сеизмички изолации и слично. Земјотресите ќе си се случат, а ние треба да си ги припремиме нашите згради да бидат ОК и нашите домови да бидат добри за да бидеме сигурни – додава Шешов.
Од тој аспект, Шешов додава дека во земјава во најголем број случаи при изведбата на згради се почитуваат сеизмичките прописи, а контролата на нивната примена што ја врши ИЗИИС и заедно со одговорноста која сè уште постои кај најголем број проектанти и градежници придонесува да имаме сигурни градби.
Според него, доказ за безбедноста на објектите е самиот факт што при серијата земјотреси што се случија во Скопје во 2015 година никаде немаше значајни оштетувања, што претставуваше реална проверка за тоа какви се зградите во земјава. Шешов додава дека не постојат 100 отсто сигурни згради и во случај на земјотрес сите треба да знаеме дека ќе има оштетувања, но битно е да не дојде до колапс на градбите.
Во однос на земјотресот што на 6 февруари ги погоди Турција и Сирија и големите разурнувања и жртви, Шешов потенцира дека мора да се има предвид дека во овој случај станува збор за исклучително силен потрес од 7,8 степени според Рихтеровата скала, но дека веројатно има и некои недоследности при градбите што резултираа со толкав број на разурнувања, што би требало да се утврди со понатамошни анализи.
– Ги немам сите аргументи и податоци. Меѓутоа мислам и во понатамошните анализи ќе се покаже дека има некои недоследности, јас би рекол системски. Проструија вести дека голем број од тие објекти биле без некоја посебна контрола на градење. Ако немате контрола, немате доволно информации да можете да ги оцените. Гледајќи само по голем број на слики коишто доаѓаат од подрачјата, постојат би рекол некои грешки можеби и во концептот на конструкциите – големи дебели плочи, мали вертикални елементи, столбови коишто се најповредливи за време на земјотрес, арматура онака народски кажано раздвоена, расцветана…, па дури и до квалитетот на материјалите – вели директоот на ИЗИИС, додавајќи дека сепак откако ќе се смири целата ситуација и ќе се направат анализи, ќе може да се види кои се главните фактори и причини за ваквите разурнувања.
Шешов потенцира дека според досегашните сознанија нема поврзаност меѓу земјотресот во Турција и Сирија со серијата потреси што во изминативе две недели се случија во балканскиот регион, како во Романија и Албанија, бидејќи анадолискотото подрачје нема директна корелација со централниот Балкан.
– Бидејќи прво сме на голема оддалеченост, а второ тој расед е на контактот помеѓу одредени плочи коишто не не засегаат многу нас. Меѓутоа, дали овие последните имаат (поврзаност), сметам дека директна немаат, можеби да имаат некоја, ама пак досега немаме такви сознанија – додава Шешов.
Во пресрет на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, како што најави Шешов во интервјуто, ИЗИИС планира да ја одбележи со серија активности, кои почнаа со одржување на работилница посветена на сеизмичката изолација, орагнизирана во соработка со Јапонската асоцијација за сеизмичка изолација (ЈССИ) и со поддршка на Амбасадата на Јапонија.
Директорот на ИСИИС потсетува дека еден од најзначајните објекти не само во Скопје, туку и во светот, граден според методот на сеизмичка изолација е скопското Основно училиште „Песталоци“.
– Добро е што нас не има во каталогот на сеизмички изолирани згради во светски рамки, меѓутоа за тоа треба малку повеќе да се вклучи и технологија и индустрија и да има интерес кај градежните компании – додава Шешов.
Во следниве месеци до јули, како што најави Шешов, ИЗИИС ќе спроведе голем број на активности насочени кон подигнување на јавната свест, одржување предавања, тренинзи и обуки што значи земјотресот, како да се однесуваат граќаните при потреси, како да се заштитат во своите домови и како да постапуваат после земјотрес. Дополнително, Институтот ќе направи брз скрининг на неколку објекти брз скрининг за процена на сеизмичката сигурност и ќе организира отворени денови каде што граѓаните ќе можат да ги посетат лабораториите на ИЗИИС.