На минатонеделниот час по македонски јазик на учениците што изучуваат македонски јазик во ООУ „Вељко Влаховиќ“ во Нови Сад, Србија, за неколку минути зелената училишна табла се претвори во огромна волшебна честитка, обоена во најразлични бои, на која пишуваше: Среќен 65-ти роденден, „Колибри“!

Годинава единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат одбележува редок јубилеј

Оваа 2023 година е славеничка за „Колибри“! Според бројот на годините, 65, веќе е дедо во пензија, но срцето на единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат останува вечно младо, затоа што неговите страници ги исполнуваат стихови за деца, детски творби и изработки, детски паметувања и будалаштини, насмевки и збунетости, како и топли и нежни зборови на сите оние што се чувствуваат како деца и имаат бескрајна љубов кон децата.
Славењето на јубилејот на омиленото четиво на сите мали и големи деца ќе се случува во текот на целата година, но, како што е редот, мора однекаде да се почне. А почнавме на прекрасен начин.
Нашиот соработник, поетот Филип Димкоски, отпатува во Нови Сад, Србија, и меѓу неговите многубројни телевизиски настапи и интервјуа што ги работеше за страниците на „Нова Македонија“, се сретна со дечињата од ОУ „Вељко Влаховиќ“, училиште со кое соработува неколку години. Таму одржа средба за сите ученици од прво до четврто одделение и, како по обичај, тој час стана своевиден поетско-еколошки мјузикл. Дечињата слушаа песни на македонски и на српски јазик во интерпретација на авторот, прашуваа и добиваа одговори, научија како се сее ’ротквичка, се запознаа со Градината на Филип, но и со ликовите од новата книга на Димкоски, која наскоро треба да излезе од печат. Највредните добија пакетчиња со семе од зачински растенија, кои ќе ги засадат во домашната или училишната градина.

Добре дојде со песната „Македонско девојче“

Со звуците на песната „Македонско девојче, китка шарена“ го пречекаа учениците во ова училиште што изучуваат Македонски јазик со елементи на националната култура кај наставничката Снежана Алексиќ Станојловиќ. Интересно е да се спомне дека македонскиот јазик во ова училиште не го изучуваат само деца што имаат македонско потекло туку и деца што едноставно ги сакаат Македонија, македонскиот јазик и култура. Секако, заслуги за тоа има наставничката Снежана, како и мултикултурната клима што владее во целото училиште, благодарение на сите вработени, на чело со директорката Љубица Грубач.
На часот по македонски јазик, за неколку минути зелената училишна табла се претвори во огромна волшебна честитка, обоена во најразлични бои, на која пишуваше: Среќен 65. роденден, „Колибри“, од учениците што изучуваат македонски јазик во ООУ „Вељко Влаховиќ“ во Нови Сад, Р. Србија. Каква радост за првата честитка на нашето „Колибри“. Еве, драги читатели, погледнете ги и фотографиите и уверете се во каква атмосфера славевме, учевме и се радувавме.

Зелен споменик на пријателството

Часот заврши со посета на училишниот двор, во кој се наоѓа липата што ја засадиле третоодделенците од одделението „Ѓерданче“ кога тие биле првачиња, а потоа ја посетија и нејзината постара сестра, липата на пријателството, која Филип Димкоски ја засади заедно со постарите генерации пред неколку години и ја крстија Филипово дрво – липа на српско-македонското пријателство.
Натаму, пак, во дворот „се сретнаа“ со јасенот, сега веќе стар и раскошен, засаден пред 30 години од страна на наставничката Алексиќ Станојловиќ, која токму тогаш првпат се вработила во ова училиште. Рецитирајќи ги песните „Споменик на пријателството“ од Димкоски и „Каде ќе најдеш згодно место“ од Јован Јовановиќ-Змај, за миг сите поверуваа дека добриот чичко Јован Змај ги гледа од небото и се радува што и некои други генерации ги знаат неговите песни напамет, но и постапуваат според неговите поуки, садејќи дрвја што се чувари на природата, но и чувари на спомените на детството.
Збогувањето носеше и желба за повторна скорашна средба, но и нетрпение за оваа објава, за нивната честитка за „Колибри“, кое освен во Македонија, се чита и во другите држави каде што се изучува македонскиот јазик.

Ф.Д.


Роденденската порака на Наѓа

Ученичката Наѓа својата честитка за роденденот на „Колибри“ ја збогати и со интересни податоци за оваа суперптица по која нашиот додаток за деца го доби името. Еве што напиша таа на својот цртеж: „Колибри е мала, најмала птица на светот. Има голем клун, долг јазик и крилја. Ова е единствена птица што може да се движи наназад, а иако е најмала, важи и за најбрза и најсилна птица на светот. Може да биде во разни бои, преселна птица е и животниот век ѝ е од две до пет години. Во светот има повеќе од 340 вида колибри. Името го добила според звукот што го создава удирањето на нејзините крилја.“