Веќе е дојдено време да ја отвориме дискусијата за потребата од дополнителна работна сила на пазарот на труд, порача вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на гостувањето на регионалната телевизија „Блумберг Адриа“ каде говореше за потребата за увоз на работна сила како неминовно решение за недостигот на работна сила со која се соочува нашата земја.
Во разговорот, Битиќи рече дека додека работиме на доквалификација и реквалификација на одредена група невработени во земјава за да ги прилагодиме на потребите на пазарот, дополнително ќе мора да се најде начин да се надополни одливот на работници.
-На пазарот на труд има недостаток на работна сила и мора да одговориме на тој предизвик ако сакаме да имаме забрзан економски раст – посочи Битиќи.
На прашањето дали во тие 14 отсто невработеност не може да ги најдеме квалификуваните кадри кои што ги бараат компаниите и оттаму да се земат наместо да се бара увоз на работна сила, вицепремиерот одговори дека примарно работната сила ја бараме од тие кои се активни баратели на работа во земјава, но констатација на сите е дека се уште имаме недосток на работна сила во некои сектори и специфична квалификувана работна сила.
На темата за увоз на работна сила во истата емисија говореа и Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата и Глигор Бишев, претседател на Советот за унапредување на високото образование и стратегиски истражувања на Стопанската комора.
-На пазарот има сериозен недостиг од работна сила, па затоа според стандардот на работниците и платите во регионот и пошироко, сметаме дека ќе мора да се потпираме на работна сила која ќе мора да ја донесеме од блискиот и далечниот исток, а можеби и од други континенти – изјави Бошков.
Глигор Бишев, пак, во неговата изјава истакна дека и покрај тоа што имаме стапка на невработеност од 14,2 отсто, речиси не можат да се најдат лица за работа во градежништвото, но и во голем број други индустрии, а исто така и во голем број услужни сектори.