ИН МЕМОРИАМ

Македонскиот спорт загуби уште една голема легенда. Во 84-та година животната сцена ја напушти Живко Дуковски, големиот боксерски шампион, тренер и функционер. Тој целиот свој живот му го посвети на боксот и даде голем придонес за афирмацијата на благородната вештина. Како активен боксер, најголемиот успех го постигна на поединечното првенство на поранешна Југославија во 1957 година, кога го освои второто место. Потоа, доаѓаа и други настапи и победи низ кои ја градеше својата кариера. По многу борби низ кои го афирмираше македонскиот бокс, кога стави крај на активното занимавање со благородниот спорт, Дуковски кон средината на 60-тите години стана еден од најголемите афирматори на спортот, се зафати со тренерската работа. Тој имаше желба акумулираното искуство да им го пренесе на младите, а со својата харизматична појава брзо привлече многу млади, кои за година-две блеснаа на рингот. Дуковски со својот авторитет и голема помош на оние што го опкружуваа успеа да се избори Скопје, во рамките од Денот на ослободувањето, 13 Ноември, да биде организатор на првиот „Златен гонг“, приредба што од таа 1968 година се одржува традиционално. Тој никогаш не се предаваше и во најтешките години докрај се бореше да не згасне „гонгот“. Иако не беше директно вклучен во тренажниот процес, многу години Дуковски „трчаше“ за боксерите и настојуваше, но сега во улога на функционер, а во еден период и претседател на Боксерската федерација на Македонија, да обезбеди средства за непречен развој на боксот. Последен пат го видовме на рингот кога пред две години беше почестен од своите некогашни ученици, сега и тие боксерски функционери, како им доделува медали на победниците на „Златниот гонг“. З.М.