Илиевски, кој досега одигра над 300 симултанки во својата кариера, забележа осум победи, а четири партии завршија со реми, против професори и студенти од овој факултет

ШАХ – ПО ПОВОД 75 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА ЗЕМЈОДЕЛСКИ НАУКИ И ХРАНА ВО СКОПЈЕ

По повод јубилејот 75 години од постоењето на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, истакнатиот македонски интернационален шаховски мајстор (ИМ) Димитар Илиевски одигра симултанка во просториите на факултетот, на 12 табли, против професори и студенти од овој факултет. Притоа, Илиевски, кој досега одигра над 300 симултанки во неговата богата шаховска играчка кариера исполнета со многу јубилеи, забележа осум победи, а четири партии завршија со реми. Половина поен освоија професорите на овој факултет, Лазо Сиваков, Ѓоко Буневски, Крум Бошков и Марина Нацка.
– Симултанката, која ја одиграв и за мене претставуваше голема чест, беше одлично организирана, а истата таа му ја посветив на неодамна починатиот истакнат македонски шахист и поранешен првак на Македонија и наедно мој драг шаховски пријател, ФИДЕ-мајсторот Ристо Кизов. Партиите беа мошне интересни и неизвесни, а во мошне пријатна атмосфера, од присутните гости симултанката ја следеа синот на Ристо Кизов, ИМ Атанас Кизов, ФИДЕ-мајсторот Иван Кочовски, Ненад Батковски и други – рече Илиевски. Г.И.