Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, во денешното обраќање пред пратениците во Стразбур ги осуди наведените сомневања за случаи на корумпираност во европскиот законодавен дом.
– Европскиот парламент, драги колеги, е нападнат. Европската демократија е нападната. Непријателите на демократијата, за кои самото постоење на овој Парламент е закана, нема да запрат пред ништо. Тие злонамерни актери, поврзани со автократски трети земји, наводно вооружувале невладини организации, синдикати, поединци, асистенти и членови на Европскиот парламент во обид да ги покорат нашите процеси – рече Мецола притоа нагласувајќи дека таквите злонамерни планови не биле успешни.
Таа изрази задоволство од работата на собраниските служби, за нивната соработка со белгиските власти во истрагата.
– Секогаш ќе има некои, кои сметаат дека за вреќа пари вреди да се ризикува“, рече Мецола, но нагласи дека „она што е суштинско е тие луѓе да разберат дека ќе бидат фатени, дека нашите служби работат и оти во целост ќе се соочат законот, како што се случи и овојпат – истакна Мецола.
Белгиското државно обвинителство минатата седмица покрена опсежна истрага за „корупција и перење пари“, против наводна криминална организација, како и обиди на држава од Заливот преку подароци и подмитување да влијае врз економските и врз политичките одлуки на Европскиот парламент.
Во рамки на истрагата, уапсени се неколку лица. Меѓу нив се и потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили од Грција и поранешниот европратеник, Италијанецот Пјер-Антонио Панцери.