Додека траат преговорите за новата бугарска влада

Додека во Софија интензивно се одвиваат средбите и преговорите околу составот на новата бугарска влада, вчера беше потпишан Договорот за меѓусистемско поврзување за снабдување и дистрибуција на гас на интерконективната точка Ќустендил – Жидилово, помеѓу ГА-МА АД и „Буглартрансгаз“ ЕАД. Договорот го потпишаа извршниот директор на ГА-МА АД Скопје, Александар Арсиќ, и извршниот директор на „Булгартрансгаз“, Владимир Малинов.
– Потпишувањето на овој договор е од големо значење, бидејќи отвора можност за зголемување на сегашниот капацитет на гасоводот со Бугарија, како и ослободување дополнителни капацитети за користење од повеќе снабдувачи и диверзификација на нашите извори на снабдување, како и користење на сите извори што во моментов се присутни на пазарот на природен гас во Република Бугарија – рече министерот за економија Крешник Бектеши на потпишувањето на договорот во Софија.
Конкретно со договорот се регулира зголемување на притисокот на компресорската станица. Техничкиот капацитет на точка на испорака ќе биде 3.044.000 нормални кубни метри, што значи дека техничкиот капацитет ќе се зголеми за 500.000 нормални кубни метри, со можност за ослободување дополнителни неискористени сегашни капацитети.
Почетокот на имплементацијата е договорен да биде на 1 јануари 2023 година. Периодот до почетокот на имплементацијата ќе биде искористен како тест-период помеѓу двата оператора, при што ќе треба и практично да се разработат сите процедури на работа. Во меѓувреме треба да се потпишат нови договори со снабдувачите и корисниците и да се усвојат нови правила на работа.