Симулација на „Енергетски самит“ беше организирана денеска на Техничкиот факултет во Битола во орагнизација на Универзитетското собрание при Универзитет „Св. Климент Охридски“ (УКЛО), а со поддршка на фондацијата „Фридрих Еберт“.
– Јас сум студент, но можеби ќе бидам премиер за некоја година. Сега само глумам премиер, како е да се чувствуваш како премиер не знам, бидејќи ова сепак е глума и како глумец се чувствувам добро – рече Антонио Џаневски, апсолвент на Педагошкиот факултет од Битола, модератор на симулацијата „Енергетски самит“ на кој студенти од различни факултети при УКЛО ја презедоа улогата на носители на одлуки во државата, станаа Влада со премиер, министри, па до сопственици на фирми – мали производители на електрична енергија од обновливи извори.
– Целата е да се докаже дека навистина во Македонија има квалитетни студенти кои си ја сакаат државата и не секој сака да замине надвор, тоа е целта на оваа симулација. Од неа може да се види дека младите се со голема свест, со доста познавања во стручните области како политика, општество и енергетика и дека може да се преземат акции и да се вклучат во многу настани – рече Џаневски, кој имаше улога на „премиер“.
Симулацијата се состоеше од три делa, прво, излагања на симулираните претставници на Владата, а потоа работа во групи и на крај дебатата во која се вклучи и публиката.
– На симулацијата учествуваа студенти од повеќе единици на универзитетот од полето на енергетиката, медицината, ветерината. Врз основа на нивното знаење се носеа заклучоци. Сакавме да ги споиме факултетите, професиите и да ги анимираме студентите да учествуваат во развојни програми – рече Симона Наумовска, претседателка на Универзитетското собрание.
Во работата на „Енергетскиот самит“ учество зеде и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.
– Ваквите симулации треба да се одржуваат колку може повеќе зашто младите луѓе треба да бидат дел од јавниот и реалниот сектор, да дадат свој придоне , своето образование и исуство да го искористат овде во нашата држава зашто ни се потребни. Младите генерации се нашата сегашност и иднина – рече Ковачевски.
Работата на „Енергетскиот самит“ ја следеше и ректорот на Битолскиот универзитет Игор Неделковски, кој рече дека е задоволен што студентите на УКЛО се сетија да организираат и иницираат ваков самит со меѓународна поддршка каде ја препознаа моментално најактуелна тема – енергетската криза и заштедата на енергија.
М.М.