Македонската репрезентација ја победи Турција на гости, со 36-27, и со Португалија по две кола водат со по четири бода во групата еден. По две најуспешни селекции од секоја од осумте групи патуваат на ЕП 2024, заедно со четирите најдобри третопласирани селекции
РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024
Македонската машка ракометна селекција се доближува кон своето осмо учество на европските првенства (ЕП), откако ја забележа и втората победа во квалификациите за пласман на ЕП 2024 во Германија. По убедливиот триумф над Луксембург во Скопје, со 38-24 минатата среда, црвено-жолтите победија и на гости кај Турција, со 36-27. Со двете победи, македонските ракометари во групата 1 заедно со Португалија имаат по четири бода. Турција и Луксембург се без бодови. Македонија ги продолжува квалификациите во март в година, со дуелите со Португалија дома и на гости. Првото место во групата треба да биде императив за оваа млада и талентирана генерација на македонски ракометари, оти можеби ќе ѝ го донесе и првиот барабан пред ждрепката за групите на ЕП.
По две најуспешни селекции од секоја од осумте групи патуваат на ЕП 2024, заедно со четирите најдобри третопласирани селекции. Домаќинот Германија и носителите на медали од претходното ЕП 2022, Шведска, Шпанија и Данска, веќе обезбедија учество на првенството. По две кола, 14 репрезентации имаат по две победи.
Дуелот со Турција го обележија неколку моменти.
Триумфот со девет гола разлика, предност што беше задржана и во двете полувремиња, неверојатен старт од 9-0 за Македонија, нешто што којзнае дали досега воопшто или мошне ретко, било видено, а особено на гостувањата, мотив и желба за победа, позитивна енергија и храбра полетна игра во нападот и во одбраната беа присутни кај сите ракометари. Седумнаесетте гола во првото и 19-те во второто полувреме и ефикасноста на нападот од 75 отсто, односно ефикасноста на ударот кон противничкиот гол од 68 отсто, со само пет технички грешки (од кои во првото полувреме една), и деветте гола во низа, а вкупната по двата одиграни дуела од плус 23, како и голмани што влеваат сигурност, се доволен показател дека македонските ракометари си ја остварија поставената цел во потполност и се на добар пат така и да продолжат. Левиот бек Филип Талески со седум гола и левото крило Дејан Манасков со пет беа најпрецизни во македонските редови, а радува и фактот што дури 11 ракометари се запишаа во листата на стрелците. Голманите Никола Митревски со седум и Мартин Томовски со шест одбрани, исто така, придонесоа во мошне значајната победа на патот кон ЕП 2024. Г.И.
ЕФЕКТ НА РИВАЛИТЕ НА СП 2023
Пораз на Холандија, Норвешка сигурна
Ракометарите на Грција направија изненадување откако на свој терен ја победија Холандија, со 32-28, во квалификациите за ракометното Европско првенство во 2024 година. Холандија е во иста група со Македонија на претстојното Светско првенство во јануари во Полска и во Шведска, а сега има два бода во квалификациите за ЕП. Вториот ривал на црвено-жолтите во групата Ф (во групата е и Аргентина), Норвешка, на свој терен ја совлада Грузија, со 35-24, и е со максимални четири бода. Г.И.
ГРУПА 1
Турција – Македонија 27-36
Луксембург – Португалија 21-32
ТАБЕЛА
Португалија 2 2 0 0 76-48 4
Македонија 2 2 0 0 74-51 4
Луксембург 2 0 0 2 45-70 0
Турција 2 0 0 2 54-80 0
Идно коло (март 2023): Македонија – Португалија, Луксембург – Турција.