Енергетската криза и затемнувањето и исклучувањето на уличното осветлување
доведоа до еден нов феномен на зголемен број кражби и кривични дела во вечерните
часови. И статистиката на Министерството за внатрешни работи покажува дека бројот на кражби за само две недели е зголемен. Како да се превенираат овие појави? Да се поддржат напорите да се заштеди енергија, бидејќи тоа ни оди во прилог на сите, но истовремено и да не се загрозат безбедноста и сигурноста по улиците и сокаците, како и да се одвратат крадците
Штедењето на струјата веќе неколку месеци е во тек во дел од општините низ земјата. И мораше од некаде да се почне, па надлежните почнаа од уличното осветлување, бидејќи се чинеше дека тоа е најбезболно решение за да се скратат високите сметки за електрична енергија. И добро тргна тоа во летните и пролетните месеци, кога денот траеше подолго и кога раздвиженоста на граѓаните беше поголема, а улиците беа значително пофреквентни од сега.
Сега сликата е многу поинаква. Се намали денот, се намали и осветлувањето Исклучени светилки и празни улички.
Сето тоа почна да го зема и првиот данок, некако повторно од џебот на граѓаните или, како што би рекле старите, сето тоа им се „удри од глава“ на граѓаните. Забележани се првите кражби, и тоа токму во деловите каде што на улиците нема улично осветлување.
Зголемување на бројот на кражбите е забележано во вечерните часови, главно по дворовите и влезовите на станбените згради и куќите, делумно како резултат и на редуцираното улично осветление, но и на сѐ поскапите трошоци за живот. А и крадците нели мораат да живеат од нешто?! А тие немаат ни страв ни срам, па „оперираат“ во секој период од денот, меѓутоа исто така неоспорен факт е дека темнината отсекогаш им била поатрактивна, првенствено поради тоа што видливоста е значително помала, а наедно и поради помалата фреквенција на минувачи во мрачните улички, кои би можеле да бидат непријатни сведоци или дури и да се обидат да го спречат делото.
Секако, треба да се поддржат напорите да се заштеди, бидејќи тоа ни оди во прилог на сите. Но дали граѓаните пак ќе платат дупла цена? Или, со други зборови, граѓаните ем ќе седат без осветлување, ем со страв дека утрото што доаѓа ќе сфатат дека нивниот двор бил на нишан на крадци, па останале без своите велосипеди, електрични тротинети или, пак, без акумулатори или радио во своите автомобили?
Иако порано се стемнува, тоа не значи дека децата нема да одат на училиште или дека граѓаните нема да одат на работа. Но факт е дека демнат и разни профили на луѓе што би ги искористиле таквите состојби за да ограбат или повредат поединци, а и да малтретираат девојки, па прашање на време е само кога ќе почнат да пристигнуваат и пријави за такви злодела.
И статистиката на Министерството за внатрешни работи покажува дека бројот на кражби за само две недели е зголемен, односно во периодот од први до 15 септември се евидентирани 13 кривични дела кражба од двор.
Од нив, осум кривични дела се гонат по службена должност, а пет кривични дела се гонат по приватна тужба. Од нив, пет кривични дела се извршени во ноќните часови. Веројатно има и други начини да се обезбеди каква таква видливост во ноќните часови по улиците. Може да се заменат светилките со штедливи и со многу помала моќност, потоа да се редуцира нивниот број, односно да свети секоја втора, да се постават соларни светилки, кои дење ќе се полнат од сончевата енергија и светилките, а ноќе ќе емитуваат светлина итн. Има доста други практични и економични мерки наместо целосно затемнување.
За да не се исклучува целосно осветлувањето и да не се загрозува безбедноста на граѓаните, секогаш има шанса за имплементирање нови и поефикасни методи во секој поглед. Секако, треба да се видат и проучат искуствата и во другите земји. Во поглед на безбедноста, можеби во следниот период едно од решенијата за овој проблем ќе биде и зголемено присуство на патролите од страна на полицијата, бидејќи на тој начин може да се намалат и спречат кражбите во деловите каде што рестрикциите се веќе во сила, а кај граѓаните ќе се врати чувството на сигурност и заштита. Или, пак, во соработка со општинските власти, да се реализираат дежурни патроли, кои во вечерните часови успешно ќе ги „ловат“ сомнителните лица низ темните сокачиња.
Ние сме мала земја, земја во која кризата, која веќе на голема врата ни влегува во земјата, тешко ќе ја пребродат само граѓаните. Многумина од нас живеат во сиромаштија, нема човек што не е исплашен за претстојниот период, за долгата, тешка и студена зима што ни претстои. Се плашат за своите домови, за својот имот и за своите предмети. Исплашени се и за сопствената безбедност, бидејќи таму каде што сиромаштијата доаѓа на голема врата, не се избираат ниту мерки ниту средства за да се обезбедат пари. Граѓаните имаат право на безбедни улици, на улици без криминалци што неуморно чекаат да го искористат овој период за да оперираат.