Украинските војници денеска влегоа во комплетно опколениот град Лиман, што е важен железнички центар во источна Украина, а беше под контрола на руските воени сили, јави украинската армија.
– Украинските сили навлегуваат во Лиман, во регион на Донецк – соопшти украинското Министерство за одбрана на Твитер.
Во едноминутното видео што ја придружува пораката, се гледаат двајца украински војници како виорат, а потоа го закачуваат светло сино-жолтото национално знаме до знакот Лиман на влезот во градот.
– Го развиваме нашето национално знаме и го поставуваме на сопствена територија. Лиман секогаш ќе биде дел од Украина – рече еден од двајцата војници.
Украинската армија претходно денеска јави дека опколила неколку илјади руски војници во овој град од областа Донецк, што во петокот беше припоен кон Русија.
Гувернерот на соседната област Луганск, Сергиј Гајдаи, им понуди на руските војници во Лиман три опции: „може да побегнат, да умрат заедно или да се предадат“.
Лиман се наоѓа во областа Донецк, која Москва вчера ја анектираше, но не е целосно под контрола на руските војници.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека руските војници се повлекле од Лиман. Како што наведоа, тие се повлекле на поповолни позиции, бидејќи постоела опасност да бидат опколени.
Велат дека над 200 украински војници биле убиени во изминатиот ден во правец на Лиман, а уништени се и пет тенкови и девет пешадиски борбени возила.
– И покрај претрпените загуби, поради значителната супериорност во силите и ресурсите, непријателот воведе резервни сили и ја продолжи офанзивата во правец на Лиман – наведуваат од руската армија.