ШАХ – ПО ПОВОД 50 ГОДИНИ ОД ШО ВО СКОПЈЕ
Истакнатиот македонски интернационален мајстор (ИМ) Димитар Илиевски, по повод 50 години од Шаховската олимпијада (ШО) во Скопје (1972), денеска од 12 часот, во канцеларијата „Скопје – Европска престолнина на културата“ (катна гаража БЕКО), ќе одигра шаховска симултанка. Ова ќе претставува уште една од низата многубројни одиграни симултанки на шаховскиот ветеран, кој е познат и по тоа што има најмногу одиграни симултанки од македонските шахисти, но и најмногу според бројот на противници на една симултанка (58). Тој и во 80-та деценија од животот е мошне активен на шаховската табла.
– Симултанката е на 20 табли, а на неа може да игра кој сака. Влезот е слободен и истата та е во соработка со Универзалната сала и Град Скопје. Иако бројот е ограничен на 20 табли, на неа ќе има можност играчите да се менуваат, поточно кој губи станува и на неговото место седнува друг играч. За сите учесници се обезбедени кроасани и вода. Со овој настан наедно и ние шахистите на свој начин ќе ја збогатиме уметноста на претстојната 18-та „Бела ноќ“ во Скопје – ни изјави претседателот на Шаховскиот сојуз на Град Скопје, Ѓорѓи Миновски. Г.И.