Селекторот на македонската ракометна репрезентација Раул Гонзалес е задоволен од победата над Турција (31-27) во рамките на 1. коло од квалификациите за Европското првенство во 2020 година, и покрај падот во играта во завршницата од мечот во Битола.
– Бевме фаворити, очекувавме и остваривме победа. Имавме предност, но не одигравме добро во последните петнаесетина минути. Јас сум задоволен од победата, и покрај грешките во завршницата. За мечот со Грција ќе треба да коригираме многу од овој дуел. Нападот не одигра добро, изгубивме многу топки. Одбраната беше добра, имавме разлика која требаше да ја задржиме. Секогаш очекувам подобра игра од Македонија и имам доверба во овие играчи – кажа Гонзалес.
Тој се осврна на следниот противник во квалификациите Грција, со која неговите избраници ќе се соочат в недела, на гости. Грците беа поразени од Исланд со 21-35 во првиот натпревар од квалификациската група 3.
– Фаворити сме против Грција и треба да победиме таму. Овој дуел добро ни дојде за уигрување. Не ги знаеме доволно квалитетите на Грција, која одигра добро против Исланд, и покрај тоа што загуби. За тој дуел е најважно да ги коригираме грешките и очекувам победа – порача шпанскиот стратег. Г.И.