Комисијата за доделување на наградата, во состав: Весна Мојсова-Чепишевска (претседателка), Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), одлучи наградата „Антево перо“, која подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори, да ѝ ја додели на стихозбирката „Куќа“ од Јулијана Младеновска-Тешија. На конкурсот пристигнаа 76 стихозбирки, со различни поетики и поетски имагинации, од кои во потесен избор за наградата влегоа и стихозбирките на Славица Гаџовска-Свидерска, Тања Павлеска, Виолета Танчева-Златева.
– „Врата. Влезете“ ни вели поетесата и зачекоруваме во „Куќа(та)“ на Јулијана Младеновска-Тешија. Стиховите што нè пресретнуваат ни посакуваат светло и весело добредојде. Ова е особено интересна и длабоко восхитувачка поезија, која уште од првиот допир со неа нè внесува во некоја нова димензија од секојдневното, но и посебното, интимното, скриеното, личното. Преку графичките интервенции во текстот, поетесата става акцент и го насочува вниманието кон оние нешта што нејзе ѝ се важни, но во исто време, не го занемарува и преостанатиот текст. Оваа поезија во исто време има збор, музика, слика и танцува во ритам што е дополнет со интертекстуално вклопените модерни музички парчиња – вели жирито за наградената книга.
Комисијата, исто така, додели и две награди „Антев златник“ – на Виолета Танчева-Златева за стихозбирката „Глуво време“ и на Славица Гаџовска-Свидерска за стихозбирката „Голгота феминарум“.