Не прави им го на другите тоа што не сакаш да ти го прават тебе

Барањето правда за негирањето на Македонците идеолошки ја контаминира Европската Унија. Затоа кога Брисел и европските политичари ја осудуваат реториката на Путин, односно неговото негирање на Украинците, тоа нема тежина. Сѐ додека иста таква осуда не биде упатена од страна на Европа и кон Бугарија за нејзината асимилаторска и негаторска политика кон Македонија. Само така Европа ќе покаже конзистентност и принципиелност во ставовите и политиките што ги застапува. Сѐ друго би било само празна реторика и тешко лицемерство од страна на Европа, во однос на уцените и притисоците со кои се соочува Македонија од страна на Бугарија

Пред повеќе од илјада години, индискиот филозоф Гаутама Буда велел дека кога човекот дејствува, мисли или зборува, тогаш умот твори и тоа доведува до резултати. Буда особено го нагласувал доброволниот момент на дејствување (кармата), дејност што доведува до последици и страдања. Според учењата на Буда, кармата може да се пренесе на блиските роднини или пријатели, односно нашите намери и дејства предизвикуваат последици и кај другите луѓе. За да се избегне страдањето, Буда проповедал дека човекот треба да биде сочувствителен кон сите нешта што го опкружуваат.

Можеме бесконечно да дискутираме за постоењето или непостоењето на кармата, но последните сведоштва од Украина како да потврдуваат дека лошата карма може да се распространи. Овие денови во бугарските медиуми можевме да слушнеме или да прочитаме дека во украинската Запорошка Област, која е под контрола на Русија, е забрането изучувањето на бугарскиот јазик. Според достапните информации, од 1 септември во Запорожје е воведена нова наставна програма што се изучува на руски јазик, а наставниот кадар што одбил да предава на руски јазик бил отпуштени и заменет со наставници од Русија. За оние што не се запознаени, во Украина живеат повеќе од 200.000 Бугари и украинската држава им дозволи да го изучуваат мајчиниот јазик во бугарските неделни училишта.

Каков апсурд! Бугарија, матичната држава на бугарскиот народ, со децении ги прекршува основните човекови права на македонското малцинство. Меѓутоа намерите и дејствата на бугарската држава не се насочени само кон македонското малцинство, туку и кон сите Македонци. Најголемиот дел од бугарската политичко-општествена елита постојано го негира постоењето на македонските национални особености – јазик, историја, култура, обичаи итн. Затоа е апсурдна ситуацијата кога бугарските медиуми соопштуваат за прекршување на малцинските права на Бугарите во Украина. Секое прекршување на малцинските права е за осуда, но бугарската елита како да заборава дека изучувањето на македонскиот јазик во бугарското општество е забрането повеќе од педесетина години.

Но апсурдноста со Украина не завршува тука! Непосредно пред да започне руската инвазија на Русија, рускиот претседател Владимир Путин отворено изјави дека украинската нација не постои, дека таа е вештачки создадена и, всушност, Украинците се Руси. Изјавата на Путин беше осудена од светската елита, особено од европските политичари, кои неговите зборови ги оценија како екстремен национализам. Каква нелогичност. Бугарската држава отворено го негира постоењето на македонската нација и што се случи? Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека бугарските барања и уцени мора да се исполнат, со други зборови мораме да постигнеме „компромис“ со Бугарија за македонскиот јазик, историја и култура, доколку сакаме да станеме членка на Европската Унија. Оваа поддршка за Софија од страна на европската елита овозможи бугарските ирационални барања да станат составен дел од преговорите на Македонија со Брисел. Доколку некој ни дофрли дека тоа не е така, тогаш нека ја укине македонско-бугарската комисија за историски прашања. Европската правда за негирањето на Македонците идеолошки ја контаминира Европската Унија. Затоа кога Брисел и европските политичари ја осудуваат реториката на Путин, односно неговото негирање на Украинците, тоа нема тежина. Сѐ додека иста таква осуда не биде упатена од страна на Европа и кон Бугарија за нејзината асимилаторска и негаторска политика кон Македонија. Само така Европа ќе покаже конзистентност и принципиелност во ставовите и политиките што ги застапува. Сѐ друго би било само празна реторика и тешко лицемерство од страна на Европа, во однос на уцените и притисоците со кои се соочува Македонија од страна на Бугарија.

Меѓутоа не е сѐ „темно“ во Бугарија. Александар Ќосев, бугарски професор на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, изјави дека нема сомневање дека македонскиот јазик е литературен, а не дијалект. Според Ќосев, македонскиот јазик не започнува со Коминтерната, образложувајќи дека оние што тврдат дека македонскиот јазик е вештачки мора да им се каже дека и бугарскиот јазик е вештачка конструкција создадена во 19 век. Конечно да слушнеме и некоја добра вест од Софија. Но една птица не прави пролет! Македонците немаат проблем со бугарскиот народ, туку со бугарската државна политика што ги омаловажува македонските национални особености.

Забраната за изучување на бугарскиот јазик, како и затворањето на бугарските неделни училишта во Украина можеби ќе доведат до промена на свеста кај некого во Бугарија. Можеби конечно некој ќе разбере како се чувствуваат Македонците кога некој го негира нивното постоење. Во ситуација кога се забранува бугарскиот јазик во Украина, Македонците не треба да се радуваат на туѓата несреќа. Напротив, треба да покажат сочувство, но и да го потсетат бугарското општество на зборовите на кинескиот филозоф Конфуциј: „Не прави им го на другите тоа што не сакаш да ти го прават тебе “.