Одлуката за продолжување на кризната состојба во делот на енергетиката е ставена на дневен ред на денешната 86. собраниска седница. Според владиниот предлог, кризната состојба на територија на цела држава треба да биде продолжена до 30 април следната година.
За предлог-одлуката за продолжување на кризната состојба во делот на енергетиката вчера расправаше собраниската Комисија за одбрана и безбедност.
Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, прогласувањето на кризна состојба ќе овозможи механизми за справување со енергетската криза.
– Имаме доволно аргументи за да побараме шест месеци период на енергетска криза, бидејќи сметам дека граѓаните заслужуваат соодветно да бидат испочитувани со соодветни мерки за најмалку да ја почувствуваат кризата – рече Битиќи на вчерашната седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност.
Во случај Собранието да одлучи дека не треба да се продолжи кризната состојба, посочи Битиќи, можноста навремено да се интервенира, ќе биде невозможна.
Опозицијата обвини дека Владата не носи соодветни и навремени мерки за справување со кризата, а министерот за економија Крешник Бектеши одговарајќи на ваквите обвинувања ги повика пратениците од опозицијата да излезат со конкретни мерки за надминување на кризата.
Предлог-одлуката за продолжување на кризната состојба до 30 април 2023 година беше утврдена на владина седница на 13 септември, а ако го помине собранискиот филтер, треба да почне да се применува од 1 октомври.
На денешната седница пратениците треба да расправаат и за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.