Симболиката на „Тешкото“, во секоја смисла на зборот, не губи од својата актуелност ниту денес. Дури напротив, „Тешкото“ денес е уште потешко, станува претешко, а писокот на зурлите и грмежот на тапанот ги заменија лелеците и писокот на напатениот, прелажан и изневерен македонски народ. За жал, државата ни се претвори во удиралка, во огромен тапан, по чија истенчена кожа секој мава, мерно и немерно, а секој нов удар остава нова и подлабока лузна од претходната. Ќе им дозволиме ли и понатаму да го прават тоа или ќе грмне тапанот за конечно да се разбудиме и освестиме како Македонци
Зурли пиштаат на сретсело, Талат чука рум-дум-дум. Упс! Се извинувам, ме понесе нешто македонскиот мелос, па ги помешав зборовите. Наместо тапан чука, се провлекло Талат чука рум-дум-дум, а од повратното ехо пак одекнува рефе-рен-дум. Или можеби и не е грешка. Во домашната политичка реалност навистина Талат чука на сретсело и им диктира ритам на сите, и на пратениците, и на собраниските комисии и на уставните експерти. Чука ли чука, а татнежот им ги пара ушите на сите. Притоа не користи никакви удиралки. Се размавнува и удира по иницијативи, деловник, устав… Ги нема ни зурлите. Само тапанот и тој. Наместо зурли, пиштат правните експерти. И пак се слуша некое повратно ехо како рефе-рен-дум.
Да бидеме начисто, не, ова воопшто не е иронија, сарказам, козерија или некој друг послободен новинарски израз. Ова е одраз на моменталната политичка реалност во државата. Обид на еден поинаков начин да се отслика политичкиот театар на апсурдот, кој секојдневно го гледаме и го живееме. Крик на обидите да му се стави перде на очите на народот и црното да се претстави како бело.
Во својата историја, македонскиот народ утеха или бегство од секоја тешка ситуација наоѓал во творештвото, уметноста и културата. Во македонскиот народен мелос, на пример, тапанот и зурлите се синоним на „Тешкото“, тоа антологиско и прочуено македонско оро, кое некои го нарекуваат душата на Македонија и симбол на македонската култура и уметност со децении. Се разбира, тука спаѓа и песната „Тешкото“ на Блаже Конески, во која е опеан вековниот македонски сон за слобода и напредок. Но симболиката на „Тешкото“, во секоја смисла на зборот, не губи од својата актуелност ниту денес. Дури напротив, „Тешкото“ денес е уште потешко, станува претешко, а писокот на зурлите и грмежот на тапанот ги заменија лелеците и писокот на напатениот, прелажан и изневерен македонски народ.
За жал, државата ни се претвори во удиралка, во огромен тапан, по чија истенчена кожа секој мава, мерно и немерно, а секој нов удар остава нова и подлабока лузна од претходната. Нѐ третираат како тапан, некои го нарекуваат и барабан, во кој може секој и со сешто да тропа, да удира, да лицитира, да распродава и препродава и притоа никој да не одговара за своите (зло)дела.
Па, така, имаме ситуација некогашен дезертер и бивш терорист да одлучува што е уставно а што не, да поништува и отфрла легални процедури како да менува чорапи. Или друг пример, кога македонски министер се дрзнува да забранува користење на зборот Македонија. Квазиисторичари преиначуваат и негираат цели векови и епохи итн. Може да редиме до недоглед, но тоа само ќе го зголемува јадот. Просто неверојатно. Шоковите и изненадувањата се редат во низа, кое од кое поголемо и потрауматично.
Едноставно човек да се запраша дали е ова некоја трагикомична дружина, некаков циркус, илузионисти или се високи државни функционери и политичари.
Кој можеше дури и да замисли дека ќе се доведеме во ситуација судски да се бориме за правото на користење на зборот Македонија. И тој ден дојде и помина. Поранешниот министер за правда уште во ноември 2020 година има издадено решение со кое „термините ’Македонија’, ’Република Македонија’, ’ПЈР Македонија’, кратенката ’ПЈРМ’, во преведена или непреведена форма, не смеат да се употребуваат во целокупната внатрешна и надворешна официјална комуникација од никого“.
Донекаде можам да разберам да се забрани употребата на акронимот и кратенката ПЈРМ, која долги години ја носевме како јарем на врат. Но никако, ама никако не можам да сфатам зошто некој во својата родна држава, во својата татковина, која се вика Македонија, би забранил користење на термините што го содржат зборот Македонија. Тоа е навистина далеку од разумот. Па, што ќе остане ако се забрани и избрише и зборот Македонија? Како ќе се ословува народот, како марсовци, лилипутанци, северџани…?
Засега ова небулозно решение е поништено од Управниот суд и вратено на повторно одлучување и „преобмислување“ во Министерството за правда. Но којзнае каква одлука се крчка сега. Да не заборавиме тоа е истото она министерство што немаше поим и молчеше кога во земјава никнуваа квазиздруженија со имиња на озлогласени и докажани соработници на фашизмот за време на Втората светска војна.
Замислете каква иронија, се дозволува регистрација на граѓански здруженија со имиња на фашистички соработници и убијци на македонскиот народ, а од друга страна се забранува и проблематизира користењето на терминот Македонија. Како тргнало, може утре на некој од овие „генијалци“ да му текне да ја забрани и „Нова Македонија“. Зашто, нели, и тука го има називот Македонија. Пу-пу, скраја да е.
Инаку, да биде апсурдот поголем, сите овие погубни потези за државата и нејзините идентитетски обележја се носат доброволно или, поточно, самоволно. Во ниту еден договор и меѓународен акт не се предвидени вакви бесмислени потези што се на штета на државните и националните интереси и кои некои домашни политички структури ги носат на своја рака.
А како да биде поинаку кога сите истражувања и анкети на јавното мислење покажуваат дека во државата речиси и не постојат вистинска дебата и култура на сослушување на аргументите на оној спроти тебе. Дури и во Собранието, како претставнички дом, дебатите се оценети со најниски оцени, па дури и не можат да се наречат дебати.
Притоа, лоши оцени има во однос на речиси сите параметри како квалитет на дебата, степенот на аргументација, степенот на почит на говорникот кон другите пратеници и нивните аргументи, отвореноста за прифаќање туѓи аргументи, менувањето на сопствените ставови поради поквалитетни аргументи изнесени во расправата. Секој тропа во својот барабан и не слуша ништо друго.
И притоа, наместо да работат во интерес на државата и на граѓаните, некои наши политичари се толку опседнати со некоја своја замислена агенда што мислат дека колку поголема глупост или штета направат дома, толку поголеми ќе изгледаат во очите на некого однадвор. А не сфаќаат дека кловнот останува кловн што и да направи и може да служи само за потсмев. Е, сега, проблемот е што се појавија премногу палјачовци, кои треба да одлучуваат за нашата иднина но и за минатото. Личности без дигнитет, интегритет и без знаење, на кои вистината и аргументите не им се важни, кои мислат дека можат да газат по процедурите и законите, дека можат комисиски и по пат на компромиси да ја моделираат и фалсификуваат историјата, да патуваат низ вековите и да бришат историски факти. Со една реченица, да ја урнисуваат и одмакедончуваат државата чие вековито име е Македонија.
Ќе им дозволиме ли и понатаму да го прават тоа или ќе грмне тапанот за конечно да се разбудиме и освестиме како Македонци? И да не дозволиме веќе никој и никогаш да помисли да си поигрува со нашата историја, идентитет, јазик. Зашто само така, како што порачува и Конески во „Тешкото“, пченицата твоја триж плодна ќе биде, и животот твој!