ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ВУЕЛТА
Евенепул прв Белгиец победник на грантур-трка по 1978 година

Младиот 22-годишен Белгиец, Ремко Евенепул, од тимот Квик-Степ имаше големо, практично недостижно водство во генералниот пласман (2,07 минути пред Шпанецот Енрик Мас) на 77. Вуелта (велосипедска трка Околу Шпанија) пред вчерашната последна „променадна“, 21. етапа во Мадрид. Во последната етапа со финиш во главниот град на Шпанија, според обичајот, ниту еден возач не го напаѓа лидерот (како на Тур и на Џиро). Евенепул е првиот Белгиец што победува на една грантур-трка по Јохан де Мунк на Џиро д’Италија во 1978 година.
Најголмиот противник на Евенепул, трикратниот победник, Словенецот Примож Роглич, падна и се повреди на 16-та етапа и мораше да се повлече од трката. Евенепул ја облече лидерската „црвена“ маичка на шестата етапа, а потоа го зголеми водството со доминантното возење на индивидуалниот хронометар и на неколку ридско-планински етапи.
– Многу сум среќен што сум првиот што победува на грантур-трка за Патрик Лефевр, како извршен директор на тимот, за мојата земја Белгија, за моите совозачи, за моите родители и за мојата свршеница. Ова е неверојатна година за мене – изјави Евенепул, кој е еден од фаворитите за триумф и на Светското првенство во Австралија следниот месец.
Евенепул, исто така, е освојувач и на „белата“ маичка намета за најдобриот велосипедист на Вуелта под 25 години. Данецот Мадс Педерсен е освојувач на „зелената“ маичка за најдобриот спринтер, а Еквадорецот Ричард Карапаз е „кралот на планините“.
Наградниот фонд на Вуелта изнесуваше 1.112.640 евра. Победникот добива 150.000 (на Тур де Франс 500.000), второпласираниот 57.985, третопласираниот 30.000 евра итн. Л.Д.


ВАТЕРПОЛО – ЕП ВО СПЛИТ
Европските титули за Хрватска и за Шпанија

Репрезентацијата на Хрватска ја освои својата втора европска титула во ватерполо за мажи, откако во финалето го победи претходниот континентален првак Унгарија, со 10-9, на Европското првенство (ЕП) што се играше во Сплит (Хрватска). Бронзениот медал го освои Шпанија, по победата на дуелот со Италија со 7-6. На ЕП за жени славеше Шпанија (трета титула, претходно во 2014 и во 2020 година).
ЕП за мажи се игра од 1926 година. Унгарија останува рекордер со 13 златни медали од ЕП, а има и седум сребра и шест бронзи. Хрватска претходно победи на ЕП 2010 во Загреб, а на европските шампионати освои и уште две сребра (во 1999 и во 2003 година) и една бронза (2018 година). На шесте меча на годинашното ЕП, Хрватска забележа пет победи и едно реми. Следното Европско првенство, 36-то по ред, на програмата е во 2024 година во Тел Авив (Израел).
Континенталните првенства за ватерполистки се играат од 1985 година, а најуспешни се Холандија и Италија со по пет титули.
Неколку недели пред ЕП 2022 се играше и Светското првенство за мажи во Будимпешта (Унгарија), одложено од минатата година поради пандемијата на коронавирусот, на кое победи Шпанија (трета светска титула), пред Италија, Грција и Хрватска. На СП 2022 за жени, пак, славеше репрезентацијата на САД (седма титула), пред Унгарија, Холандија и Италија.


ОДБОЈКА
По 24 години, европско финале на СП

Репрезентациите на Полска и на Италија вчера во Катовице (Полска) се сретнаа за светската титула во одбојка за мажи на Светското првенство (СП) што се играше во Полска и во Словенија. Дуелот за бронзата беше меѓу Словенија и Бразил. Словенија играше за првиот медал на СП, а трикратниот светски првак Бразил за првата бронза. Ова беше 20-то издание на светските првенства, кои се играат од 1949 година.
Првпат по 24 години две европски селекции играа во натпреварот за планетарната титула во одбојка и првпат по, исто така, 24 години Бразил не е во финалето. На СП 1998 во мечот за титулата играа Италија и СРЈ, потоа на следните три шампионати (2002, 2006 и 2010 година) победи Бразил, кој на двете СП потоа (2014 и 2018 година) беше финалист (двапати загуби од Полска).
И двата финалисти на СП 2022 играа за четвртата титула светски првак, откако Полска претходно победи во 1974, 2014 и во 2018 година, а Италија трипати по ред, на СП во 1990, 1994 и во 1998 година и од тогаш до ова СП не освои медал на мундијалите.
Во полуфиналето, Полска го победи Бразил со 3-2 (двете репрезентации меѓу себе играа во финалињата на претходните две СП, во 2014 и во 2018 година), а Италија ја совлада Словенија со 3-0.


КОШАРКА – НБА
Карл, Хардавеј, Џинобили, Кораќ… – нови членови на Куќата на славните

Џорџ Карл загуби 19 од неговите први 21 натпревар како тренер во кошаркарската НБА-лига, Тим Хардавеј поминувал часови дриблајќи сам во недовршен подрум кога било премногу студено за да излезе надвор во неговото родно Чикаго, а семејството на Тереза Гренц ги загуби сите свои работи во пожар во куќа во 1970 година, оставајќи ја само со жолтите пижами што ги носела во тоа време. Немаше знаци дека некого од нив го чека кошаркарската бесмртност, пишува агенцијата АП, пренесе НБА на својата интернет-страница.
Сега тие се членови на најбараниот клуб во тој спорт, Кошаркарската куќа на славните во Спрингфилд, заедно со Боб Хагинс, Хју Еванс, Ману Џинобили, Свин Кеш, Маријана Стенли, Линдзи Вејлен, Дел Харис, Лери Костело, Лу Хадсон и со Радивој Кораќ.
– Учите од неволјата. Не мора да имате сѐ совршено. Го земаш тоа што го имаш, го правиш тоа да функционира, го користиш максимумот од она што го имаш, а не од она што мислиш дека ти треба – рече Гренц во петокот.