Русија пропаѓа и сака да го повлече целиот свет со себе во бездна, смета украинската режисерка Алина Горлова
По бегството од војната во Сирија, судбината го однела семејството Сулејман во различни делови на Европа, Лазгин и неговото семејство нашле дом во Лисичанск, родниот град на неговата сопруга во источна Украина. Но нивната среќа и живот во мир траеја кратко, бидејќи наскоро потоа повторно се најдоа среде оружен конфликт, овој пат во Украина. Нивната животна приказна, која доби дополнително значење по инвазијата на Русија, на 24 февруари, а која беше документирана од украинската режисерка Алина Горлова, е одличен показател за суровоста, погубноста и апсурдноста на војната.
Во интервју за Ал џезира, Горлова зборува за својот документарен филм „Овој дожд никогаш нема да престане“, војната во Украина и улогата и важноста на уметноста во воени околности.
Главниот протагонист на вашиот наградуван документарен филм е синот на Лазгин, Андриј, дваесетгодишен студент и волонтер на Црвениот крст. Како го запознавте Андриј и дознавте за неговата приказна?
– Најпрво сакав да направам краток документарен филм за регионот на Донбас. Барав млад протагонист што може да го претставува местото и еден пријател го предложи Андриј. Неговата приказна беше импресивна, но се прашував дали тоа е вистинската приказна за филмот. Размислував за тоа со денови, додека конечно сфатив дека навистина сакам да ја раскажам неговата приказна, што на филмот ќе му даде повеќе димензии. Кога почнав да работам на филмот, решив наместо краток филм да снимам долгометражен. Покрај тоа, решив да ја посетам Сирија со Андриј. Затоа, можам да кажам дека мојата прва идеја се спои со приказната на Андриј на најдобар можен начин. Почнав да размислувам за двете војни – во Сирија и во Украина. Од оваа гледна точка, се поставува друго прашање: Што е војна? Зошто не можевме да ја запреме војната? Дали е тоа процес што не завршува? Никогаш не мислев дека ќе снимам ваков филм, но непредвидливоста е токму она што го сакам во правењето документарни филмови.
Колку долго работевте на овој филм и зошто решивте да користите црно-бела фотографија?
– На овој филм работев четири години, а на самиот почеток знаев дека ќе го снимам во црно-бело, дури и во периодот кога го немав Андриј за протагонист. Бев импресионирана од Донбас и прекрасните пејзажи на тој регион, кои се оштетени од војна и неексплодирани бомби. Бидејќи не можете да стоите на тревник или едноставно да одите во шума, ги видов овие неверојатни пејзажи во црно-бело. Се разбира, сега целата приказна звучи подраматично. Минирани се стотици километри украинска територија. И не знаеме кога ќе престане. Во Украина можеби и нема. Русија пропаѓа и сака да го повлече целиот свет со себе во бездна.
Работењето на овој филм ве одведе на долго патување во Ирак, Сирија и Германија, каде што ги посетивте членовите на семејството на Андриј, како и воените зони. Колку беше предизвик да се направи овој филм и колку беше важно, во контекст на прикажување на апсурдноста на војната, да се посетат земјите погодени од војната, а истовремено да ни се прикажат и нејзините последици?
– Процесот беше многу тежок, бидејќи снимавме во четири земји, Украина, Германија, Ирак и Сирија. Понекогаш беше многу опасно, затоа што снимавме во близина на борбената линија. Искрено, на моменти се плашев. Тоа беше и внатрешна војна со моите стравови. Но, и покрај тоа, беше предизвик да се оди во Ирак и во Сирија. Никогаш не сум била таму, а нашиот тим дури се обиде да научи малку арапски. Решивме да се подготвиме за сѐ што би можело да се случи. Дозволите се уште еден предизвик со кој се соочивме. Се разбира, некои локации беа многу тешки за снимање, а некои беа целосно недостапни за нас.
Светот знае дека војната е апсурдна, има толку многу примери во нашата историја. Во моите филмови се трудам не само да го покажам тоа туку и да поставувам прашања, како за мене, така и за гледачите. Убедена сум дека преку дијалог ќе ги дознаеме вистинските причини за војните, но не верувам дека некогаш ќе видиме свет без војна.
Приказната на Андриј е навистина универзална и во овој филм не зборувате само за војната во Украина или во Сирија, туку и за војната воопшто. Во меѓувреме, Русија започна инвазија на Украина, а новата војна ги уништува животите на невини луѓе и остатокот од земјата. Како сега, од оваа временска дистанца, гледате на вашиот филм и на целокупната ситуација?
– Тоа е многу комплицирано прашање за сите нас. Сега појасно гледам дека војната е дел од нашиот живот, економијата, уметноста и политиката. Тоа е интегрирано во нашите животи. Тоа е многу чудно, бидејќи војната значи смрт и ништо друго.
Каде бевте на 24 февруари, кога започна руската инвазија, и дали, без оглед на информациите од американските разузнавачи и предупредувањата, мислевте дека е можно да се случи такво нешто?
– Бев во Киев. Пред тоа размислував што ќе правам ако започне инвазијата и со пријателите донесов одлука да останам, па кога започна инвазијата бев некако подготвена. Знаете, сè беше веќе јасно. Ги следев вестите. Кога слушнав дека руската влада рекла дека не планира инвазија, сфатив дека ќе се случи токму тоа, бидејќи цело време нѐ лажат. Тоа го научив во последните осум години. Многу е глупаво да им веруваме на Русите и мислам дека сите ќе го споделат нашето искуство многу брзо. На Русија ѝ е потребна Украина за да напредува понатаму во Европа. Освен тоа, се сеќавам дека се чувствував осамено. Многу Украинци, странци и амбасади побегнаа од Украина. Сфатив дека сме сами против ова лудо чудовиште. На почетокот на војната, тоа беше страшно чувство. Градот беше празен и останаа само луѓе што решија да се борат. Бев преплашена. И мислам дека тоа е она што смени многумина од нас што останавме. Сфативме дека можеме да умреме, а тоа го менува човекот.
Дали сте уште во Киев?
– Да, сѐ уште живеам во Киев. Патував на фестивали во Европа, но не планирам да емигрирам. Знаете, Русија сака да ги принуди уметниците да заминат, бидејќи уметниците создаваат модерна култура, која ја претставува земјата на вистински начин. Би сакала да останам во Украина. Мислам дека токму сега нашата земја минува низ својот најважен момент.
Освен тоа, решивте да продолжите да снимате?
– Да, решив да снимам во Украина. Тоа треба да биде голем филм, со четворица режисери, со кои сум работела претходно. Во овој филм, ние сме многу фокусирани на антропологијата на војната и насилството, но, се разбира, и на волјата на живите.
Како ја гледате целата ситуација денес? Дали мислите дека војната може да заврши наскоро?
– Не знам колку брзо ќе заврши, никој не знае. Ние ќе победиме, но само ако светот ја разбере вистинската опасност што ја претставува Русија, ако светот не живее во илузија. Без разлика колку војни имало или ќе има, човештвото развило чувство за правда. Дури и во војна има правила, а ние веќе имаме многу докази за воени злосторства извршени од руска страна. Верувам во правдата и затоа мислам дека ќе победиме. Ако не победиме, тоа значи дека во светот нема правичност и владеат само парите и придобивките.