Претседателот на Србија, Александар Вучиќ е во Брисел и денеска се обрати на заедничка прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
– Ви благодарам што ме прими денеска во Брисел. Му благодарам што сакаше да го слушне ставот на Србија. Разговаравме за тоа што се случува, не мора секогаш сѐ да гледаме со исти очи. Ја почитуваме улогата на КФОР и НАТО во Косово. Нивната улога влијаеше на смирување на тензиите во Косово и Метохија. Ќе продолжиме да го почитуваме мандатот на КФОР и верувам дека секогаш ќе наоѓаме разбирање и желба на Столтенберг и НАТО да обезбедат мир и стабилност. За Србија мирот и стабилноста се од клучно значење, утре ќе имаме тешки разговори – рече Вучиќ.
Тој истакна уште еднаш дека Србија ќе остане воено неутрална и дека „сака да избегне секаков вид на ескалација и конфликт“.
– Утре ќе имаме тешки разговори, бидејќи не се согласуваме речиси за ништо, но Србија ќе се придржува до меѓународното јавно право, до Бриселскиот договор и сѐ што е потпишано. Србија е воено неутрална земја и ќе остане таква. Нашата историја не е лесна, но сакаме да ја зајакнеме соработката со КФОР и НАТО и да избегнеме ескалација на конфликтот. Мислиме дека не сме предизвикале некаква провокација, но разбирам дека ние од Балканот ги изнервиравме сите во Брисел. Она што е важно за луѓето во Србија е што го објаснивме нашиот став – рече српскиот претседател.
Тој истакна дека српската војска и полиција никогаш не ја преминале административната линија.
– Благодарен сум на НАТО што не излегуваше со вакви невистини, за разлика од некои други. Не ни требаат туѓи бази, сакаме да си го обезбедиме сопственото небо, земја и мир и така ќе се однесуваме во иднина – рече Вучиќ.
На прашањето колку брзо Србија може да реагира во случај да се изврши насилство врз Србите на север, Вучиќ одговори:
– Мислам дека одговорот на Јенс на ова прашање е поважен. И позицијата на земјите од Квинта. Насилството е во барикадите, а не во систематското спроведување на законско и суштинско насилство врз Србите. Она што го потпишавме во бриселскиот договор е дека нивните специјални единици имаат ограничен пристап до северот на Косово. Тие често навлегуваат и ја искористуваат ситуацијата под изговор за организиран криминал. Ние сме во тешка позиција, не очекувајте Србите да уживаат и колку им е убаво. На северот на Косово има нова генерација млади луѓе кои повеќе нема да го толерираат тоа. Тие не го доживуваат Косово како независна држава, туку како територија на Србија. Има многу проблеми и за нас е важно да го задржиме мирот и се надевам дека ќе има доволно мудрост за да се постигне договор – вели тој.
Столтенберг рече дека НАТО може брзо да дејствува, дека веќе има присуство во Косово и го зголеми своето присуство.
– Самиот факт што имаме речиси 4.000 војници на Косово ја покажува нашата јасна посветеност. Мисијата КФОР е најголемата мисија на НАТО надвор од НАТО. Ја повторивме нашата посветеност на мисијата на КФОР на Косово и Метохија. КФОР тесно соработува со другите актери, вклучувајќи го и ЕУЛЕКС, и кога работите стануваат тешки и опасни, ние се распоредуваме и дејствуваме, исто како на крајот на јули – рече Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО вели дека разговорите меѓу Белград и Брисел се важни и го поздравува што Вучиќ дојде во НАТО и што е ангажиран во дијалогот. Тој најавува средба со Курти каде, како што вели, неговата порака ќе остане иста: ескалацијата мора да се спречи, а НАТО ќе ја продолжи својата улога на Косово.
Косовскиот премиер, пак, Албин Курти денеска во Брисел изјави дека Косово сака членство во воената алијанса НАТО.
– Имаме јасна визија. Сакаме членство во НАТО. Ова ќе ни овозможи да го обезбедиме она што мирните и демократски држави и нации го обезбедија и сè уште го обезбедуваат за нашата земја и граѓаните. Во оваа смисла, членството во програмата на НАТО „Партнерство за мир“ би било поддршка – рече Курти по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
На заедничката прес-конференција со Столтенберг, Курти изјави дека институциите и граѓаните на Косово имаат причина да бидат претпазливи поради, како што рече, „деструктивниот пристап на северниот сосед“ кон Косово и „регионот воопшто“, како дел на „рускиот план штетен за Европа и Балканот“.
Тој додаде дека владата на Косово и тој како премиер се посветени на тоа политиката на Косово да биде целосно усогласена со НАТО и додаде дека Косово е подготвено да учествува во секој проект на НАТО во полн капацитет.