Претседателот на Шри Ланка Готабаја Раџапакса одлучи да се повлече од функцијата на 13 јули, објави денеска парламентарниот спикер Махинда Јапа Абејвардена.
Соопштението е објавено откако демонстрантите побараа од претседателот и премиерот да поднесат оставка. Тие упаднаа во резиденцијата и канцеларијата на претседателот и ја запалија приватната резиденција на премиерот.
– На претседателот му треба време да поднесе оставка за да обезбеди непречена транзиција на власта – рече Абејвардена во изјавата емитувана на телевизија.
И премиерот на Шри Ланка Ранил Викремесинге е подготвен да поднесе оставка за да се отвори пат за нова влада на единство, соопшти денеска неговиот Кабинет.
Соопштението е објавено откако претседателот Готабаја Раџапакса ја напушти својата официјална резиденција откога беше нападната од демонстранти.
– Заради безбедноста на граѓаните, тој се согласува со препораката на лидерите на опозициските партии да се повлече – соопшти Кабинетот на Викремесинге.