ШАХ – ЕКИПНО СП ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА
Македонија изби на третото место

Македонската репрезентација ја забележа втората победа на 9. Светско првенство во шах за слепи и за слабовидни лица во Охрид, откако во третото коло беше подобра од Италија со 2,5-1,5. На првата табла, Жарко Селковски (рејтинг 1.967) сo бели фигури го победи Франко Антонини (2.082), Миле Чапанов (1.951) загуби од Марко Касадеи (1.987), Зоран Костадиновски (1.913) ја оствари втората победа, овој пат против Берсан Вриони (1.934) и засега е најуспешен Македонец, со 2,5 поена, а Блаже Атанасовски (1.763) ремизира со Џанкарло Бадано (1.799).
Други резултати од оваа група: Германија – Хрватска 2,5-1,5, Шпанија – Србија 0-4, Индија – Израел 2-2. Табела: Германија шест бода, Србија, Македонија и Шпанија по четири, Индија три, Италија два, Израел еден и Хрватска без бодови. Во четвртото коло, вчера, Македонија играше со Израел. Резултати во втората група: Романија – Косово 2-2, Унгарија – Франција 3-1, Бугарија – Словенија 4-0 и Украина – Полска 2-2. Табела: Унгарија шест, Полска и Украина по пет, Бугарија и Романија по три, Косово два, а Словенија и Франција без бодови. По седум кола, најдобрите две репрезентации од двете групи одат во полуфиналето. Г.И.


КОЊИЧКИ СПОРТ
Прв „Јулски турнир“ во прескокнување пречки

На теренот на скопскиот коњички клуб Илинден, кој се наоѓа во Хиподром (Маџари), денеска, со почеток во 8.30 часот, ќе се одржи првиот „Јулски коњички турнир“, како и првото коло од Купот на Македонија во прескокнување пречки со коњи за годинава, што, секако, ќе претставува нов предизвик за натпреварувачите и за љубителите на овој динамичен спорт. Според календарот на Федерацијата за коњички спортови на Македонија, на програмата се четири натпревари во прескокнување пречки, и тоа во класите А, Б, Ц и дебитанти, со височина на пречките од 0,7 до 1,15/1,25 метар. Г.И.


АТЛЕТИКА – РЕКОРД НА ОТВОРЕНО ВО СКОК СО СТАП
Дуплантис: Овој резултат не е некое големо изненадување за мене

Арманд Дуплантис на натпреварот во Дијамантската лига во Стокхолм (Шведска) прескокна рекордни 6,16 метри во скок со стап на отворено, еден сантиметар повисоко од неговото претходно најдобро остварување, во Рим, во септември 2020 година. Со тоа Дуплантис покажа дека е во одлична форма пред Светското првенство (СП) во Јуџин (САД), од 15 до 24 јули, каде што ќе атакува на првата светска титула.
– Чувствувам дека сум во добра форма за да станам светски првак, можеби и да направам нешто посебно во Јуџин. Овој резултат не е некое големо изненадување за мене, постојат поголеми работи што можам да ги направам. Посебно е чувството кога скокате на патеката каде што тренирате. Живеам на околу 10 минути оттука – изјави 22-годишниот олимписки првак од Токио лани.
Дуплантис го држи и вкупниот светски рекорд од 6,2 метри поставен на СП во сала во Белград, во март годинава. Од 2000 година светски рекорд во скок со стап може да се постави на секој натпревар, без разлика дали тој е на отворено или во сала. Во претходните две и пол години тој шест пати ги соборуваше светските рекорди и е во серија од 15 победи во низа.
Дуплантис почнал да скока со стап на тригодишна возраст и се „усовршувал“ во семејниот двор во Лафает, Луизијана. Неговиот татко, Грег, го освоил петтото место во скок со стап на изборните натпревари за состав на репрезентацијата на САД за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Барселона, во 1992 година. Неговата мајка Хелена настапувала за Шведска во седмобој. Л.Д.