Од Организацискиот комитет на СП соопштија дека имало околу 40 милиони барања за билети во двете фази од онлајн продажбата. Вкупно ќе бидат продадени два милиони билети, а уште еден милион се резервирани за ФИФА и за спонзорите

ФУДБАЛ

Организаторите на Светското првенство (СП) во Катар годинава објавија „рекордна“ побарувачка и веќе продадени 1,2 милион билети, објави агенцијата „Франс прес“ (АФП).
– Мислам дека веќе се продадени околу 1,2 милион билети, што значи дека луѓето се возбудени што ќе дојдат тука – изјави Хасан Ал-Тавади, шефот на Организацискиот комитет (ОК) на турнирот, на економскиот форум во Доха, пренесе АФП.
Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, изјави дека има пет милиони барања за билети за финалето на СП, кое треба да се одигра на стадионот „Лусаил“, кој е со капацитет од 80.000 седишта. Од ОК на СП соопштија дека имало околу 40 милиони барања за билети во двете фази од онлајн продажбата. Вкупно ќе бидат продадени два милиони билети, а уште еден милион се резервирани за ФИФА и за спонзорите.
Доха се подготвува за огромниот прилив на посетители. Турнирот со 32 репрезентации ќе се одржи на осум стадиони во и околу главниот град. Катар објави дека ќе има 130.000 соби во хотелите, во апартманите, на бродовите за крстосување и во камповите, каде што ќе бидат поставени 1.000 шатори, пишува АФП.
– Сместувањето нема да биде проблем. Ќе има и „глампирање“ (луксузно кампување). Сѐ е направено за да има доволно места за сместување тука, секако, и во соседните земји – изјави Инфантино, пренесе АФП.
Повеќе од 160 шатл-летови дневно ќе носат и ќе враќаат навивачи од и во соседните земји, намалувајќи го притисокот врз Катар во врска со сместувањето, а капацитетот на двата меѓународни аеродроми во Доха е зголемен двојно.

Л.Д.