За ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата и огромно мнозинство граѓани, прашањето за предвремени парламентарни избори не е затворено. Продолжуваме со нашиот активизам, ќе имаме протестно лето и активна блокада во Парламентот. На есен ќе има нов сет на чекори, ќе биде динамично, а одговорноста за сето ова ќе ја има Владата, изјави вечерва лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
Мицкоски, во интервју за Телевизија 24, посочи оти ќе протестираат низ улиците, низ маалата, пред институциите, односно, како што кажа, секаде каде гледаат дека треба да се протестира.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека бараат брзи предвремени парламентарни избори, кои, како што појасни, траат од 45 до 60 дена.
– Ние предлагаме промена на Изборниот законик со кој ќе се избрише институцијата техничка влада – рече Мицкоски посочувајќи оти затоа предложиле закон со кој ќе го избришат делот каде стои техничка влада.
Според Мицкоски, Владата се ближи кон својот крај. Порано или подоцна, вели, тој крај ќе дојде.
– Инстант успеси не постојат, ветувам борба и ветувам победа, овој пат ветувам голем триумф. Ако ги следиме мерењата на јавното мислење многу блиско е ВМРО-ДПМНЕ до мнозинство во Парламентот – истакна Мицкоски.
Тој посочи и оти Владата не води ниту еден процес за да се надмине кризата.
– Не гледам ниту еден поцес во моментов кој е тековен и кој е во насока да ги намали ефектите на економската, енергетската, безбедносната криза – рече Мицкоски.
Во однос на реакцијата на ЗНМ политичарите да не омаловажуваат новинари во своите јавни говори, Мицкоски посочи оти на митингот не спомнал новинари, туку, како што кажа, „провладини пера“.
– Јас сум пристојно воспитан човек, нема да навредам јавно новинари, ниту ми паднало на памет да тужам новинар. Таа професија треба сите да ја цениме и почитуваме. Јас никаде новинари не споменувам. Ако некој новинар се препознал, ја користам оваа прилика да појаснам дека не сум имал намера да кажам во таа насока – рече Мицкоски.