Со 339 гласови „за“, 249 „против“ и 24 „воздржани“, европратениците го поддржаа финалниот извештај за ревизија на законите за емисии на јаглерод диоксид (ЦО2) што потекнува од возилата. Законот е клучен дел од европскиот климатски законски пакет „Подготвени за 55“ и им налага на производителите во автомобилската индустрија до 2035 година целосно да ги намалат емисиите, спроведувајќи притоа привремени чекори во 2025 и 2030 година. Конечната законска верзија сега ќе треба да биде изработена во текот на разговорите со советот. Министрите за животна средина би требало да ја потпишат својата верзија на законот на самитот во Луксембург, кој ќе се одржи на 28 јуни.
Европската народна партија се залагаше за алтернативен амандман, со кој се поставуваше цел за намалени емисии до 90 отсто до 2035 година, но без јасен датум за забрана на моторите на фосилни горива. Овој предлог беше одбиен и беше прифатена „построгата“ варијанта. Меѓу другото, и затоа што Партијата на зелените остро се спротивстави на овој „помек“ предлог.
Автомобилската индустрија игра витална улога во европската економија и е застапена со 7 отсто од бруто-домашниот производ на Унијата, а притоа вработува 14,6 милиони луѓе. Од друга страна, сообраќајот е единствениот сектор каде што растат емисиите на стакленички гасови – во 2017 година, патничките возила учествуваа со 21 отсто од вкупните емисии на јаглерод диоксид во рамките на ЕУ. Р.Е.