Руските власти, вклучувајќи го и претседателот Владимир Путин, упатија остри предупредувања против испраќањето на ракети со долг дострел во Украина од страна на САД, пренесуваат американските медиуми. Заканите уследија откако американскиот претседател Џо Бајден соопшти дека Украина ќе добие помодерни ракетни системи минатата недела. Предвидено е САД во Украина да испратат ракетни системи М142 со дострел до 80 километри.
– Ако дојде до ракетите и тие бидат доставени, ние ќе извлечеме заклучоци од тоа и ќе ги ангажираме нашите оружја што ги имаме во доволни количества за да удрат по тие објекти што досега не ги напаѓавме – кажа Путин во телевизиско интервју.
Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, минатата недела порача дека испораката на ракети за Украина би била неподнослива, заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, исто така наведе дека испораката на ракети со долг дострел би ја загрозило руската безбедност и оти Москва би можела да удри цели на Западот, ако биде погодена со американска ракета. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, порача дека Бајден „долева масло на огнот“ со испраќањето на модерни ракети во Украина, а претходно предупредување за Западот, во однос на снабдувањето на Украина со ракети, испрати и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
САД досега испратија воена помош во Украина вредна повеќе милијарди долари. Бајден вети да испрати модерни ракетни системи и муниција што ќе ѝ помогнат на Украина „прецизно да ги погоди клучните цели на боиштето“, но нагласи оти САД не ја поттикнуваат Украина да ги користи оружјата надвор од нејзините граници.
Велика Британија исто така ќе ги испрати своите први проектили со долг дострел во Украина. Според министерот за одбрана Бен Валас, земјата ќе испрати ракетни системи М270, што можат да истрелат прецизни ракети до 80 километри, подолг дострел од која било ракетна технологија користена сега во војната.