Витомир Трајковски (лево) на пиедесталот

Со сребро се закити Трајковски, а со бронзи Заборски, Весели, Мојсовска и Георгиева. Вчера на распоредот беа и борбите во екипна конкуренција

КАРАТЕ

Македонската карате-експедиција освои пет поединечни медали на Балканското првенство за сениори во Белград (Србија). Вчера на распоредот беа и борбите во екипна конкуренција, па не се исклучуваше можноста и тука да се освои медал.
Поединечно, со сребро се закити Витомир Трајковски, а со бронзи Петар Заборски, Фахик Весели, Ангела Мојсовска и Јована Георгиева. До медал беа блиску уште Дритон Халими и Јована Петровска.
Трајковски (категорија до 84 кг) стигна до медалот откако ги победи Душан Бјелиќ од Црна Гора и Србите Александар Павиќ, Никола Ивановиќ и Михајло Василиќ, а во финалето загуби од Црногорецот Никола Маловиќ (3-6). Заборски (до 75 кг) беше подобар од Менсур Џозиќ (4-1) од БиХ и од Страхиња Радојчин (2-0) од Србија, а загуби од Ѓорѓе Салаура (0-1) од Србија и од Кемал Саховиќ (0-1) од БиХ. Весели беше подобар од Филип Лучиќ (8-0) од Србија и од Џан Махмутовиќ (0-3) од БиХ, а загуби од Христос Ксенос (0-2) од Грција и од Никлас Тамше (1-2) од Словенија.
Мојсовска (до 68 кг) ги совлада Дина Махмуд (4-1) од БиХ, Ксенија Рајовиќ (4-1) од Црна Гора, со Марина Радичевиќ од Србија беше нерешено (2-2) во регуларниот тек, но загуби поради тоа што противничката прва освои поен, а во мечот за бронзата славеше против Јована Стојановиќ (3-2) од Црна Гора. Георгиева (до 55 кг) ги победи Катарина Ѓорѓевиќ (8-0) од Србија и Ивона Чориќ (2-0) од БиХ, загуби од Нејра Шиповиќ (0-2) од БиХ, а во борбата за третото место беше поуспешна од Сара Сидику (1-0) од Хрватска.